Австриска лекарка под истрага откако дозволила ќерка и да учествува во операција
- Австриска специјалистка по неурохирургија, чиј идентитет не е соопштен, е под истрага поради сомневање дека ѝ дозволила на својата 13-годишна ќерка активно да учествува во операција и да направи отвор во череп на пациент.
Виена, 27 август 2024 (МИА) - Австриска специјалистка по неурохирургија, чиј идентитет не е соопштен, е под истрага поради сомневање дека ѝ дозволила на својата 13-годишна ќерка активно да учествува во операција и да направи отвор во череп на пациент.
По несреќа во шума, која се случила во јануари оваа година, 33-годишен пациент бил пренесен во Универзитетската болница во Грац со сериозни повреди на главата, пренесува британски „Телеграф“. Хирургот тогаш ѝ дозволила на својата ќерка тинејџерка да учествува во операцијата, која вклучувала отворање на черепот на пациентот, пишува австрискиот весник „Кронен цајтунг“. Операцијата наводно поминала без компликации, но анонимна пријава со обвиненија стигнала до државното обвинителство дури во април. Потоа, полицијата во јули го информирала наводниот пациент за случајот.
„Кронен цајтунг“ пренесува дека таа и уште еден специјалист кој бил присутен за време на операцијата биле отпуштени.
Адвокатот на оштетениот, Петер Фрајбергер, изјави: „Лежиш таму, беспомошно, без свест и стануваш експеримент. Ова не би требало да биде возможно. Ова не би требало да се случи“. Тој додаде дека сите кои биле присутни за време на операцијата треба да понесат одговорност.
Адвокатот најави тужба против целиот тим кој присуствувал на операцијата и побара обештетување. Исто така, адвокатот додаде дека никој од болницата не стапил во контакт со пациентот за да се извини или објасни, што тој го смета за отсуство на почит.
Болницата во Грац изјави дека истрагата против хируршкиот тим е во тек, но дека нема конкретни докази дека ќерката на лекарката навистина учествувала во операцијата. Тие изразија длабоко жалење за инцидентот и упатија извинување.ссм/
фото: архива/илустрација