• петок, 05 декември 2025

Австралиската војска првпат истрела ракета ХАЈМАРС на воена вежба со САД

Австралиската војска првпат истрела ракета ХАЈМАРС на воена вежба со САД

Сиднеј, 14 јули 2025 (МИА) – Австралиската војска по првпат истрела ракета со долг дострел ХАЈМАРС (HIMARS) за време на заедничката воена вежба „Талисман сејбр“ со учество на САД и други земји, соопшти австралиското Министерство за одбрана.

Оклопните возила опремени со артилериски ракетни системи ХАЈМАРС, способни да погодат цели на оддалеченост до 400 километри, се особено барани за конфликтот во Украина.

Сојузниците на САД во Индо-Пацифичкиот регион, исто така, набавуваат системи ХАЈМАРС за да ги модернизираат своите армии во одговор на зголемената воена моќ на Кина.Вежбата „Талисман сејбр“, започната во 2005 година како заеднички маневри меѓу САД и Австралија, се одржува на секои две години.

Оваа година, тронеделната вежба вклучува до 40.000 војници од 19 земји, меѓу кои Канада, Фиџи, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Јапонија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Папуа Нова Гвинеја, Филипините, Јужна Кореја, Сингапур, Тајланд, Тонга и Велика Британија.

На првиот ден од вежбата во Квинсленд учествуваа американски борбени авиони Ф-35Б, а беше изведена и стрелба со ракети со долг дострел.

Австралискиот бригаден генерал Ник Вилсон изјави дека војници од Австралија, Сингапур и САД за првпат заеднички истрелале ракети ХАЈМАРС, додавајќи дека ова е првпат австралиски војници да го користат системот на австралиска територија.

- ХАЈМАРС ќе се користи заедно со други оружени платформи за да се обезбеди одбранбена стратегија за безбедност, мир и стабилност во Индо-Пацифичкиот регион, изјави Вилсон пред новинарите.

Вежбата во заливот Шоулвотер во северен Квинсленд беше надгледувана од генерал-гувернерот на Австралија, Сем Мостин, и началникот на одбраната, адмирал Дејвид Џонстон.

Канбера претходно соопшти дека полковите опремени со ХАЈМАРС можат да бидат распоредени во соседните островски држави врз основа на одбранбени договори за заштита на северните приоди во случај на конфликт. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан