• недела, 22 декември 2024

АВМУ го повикува МВР веднаш да го расчисти случајот со апсењето на новинарот Салиу

АВМУ го повикува МВР веднаш да го расчисти случајот со апсењето на новинарот Салиу

Скопје, 7 април 2024 (МИА) - Во врска со случајот поврзан со новинарот Фуркан Салиу, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го повикува Министерството за внатрешни работи веднаш, односно во најскоро време да го расчисти случајот и да ја информира јавноста за причините за неговото приведување.

-Истовремено, очекуваме МВР доследно да ги почитува законските процедури и правата на новинарот Салиу, а политичките партии да не го користат овој случај за дневно партиски цели, за да не се шират шпекулации и дезинформации се до целосно расчистување на случајот, стои во соопштението на АВМУ. 

Претходно и ЗНМ и ССНМ апелираа случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на новинарот Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно-политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

МВР претходно објави дека денеска околу 17 часот на фудбалскиот стадион во с. Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „БВК Коњаре“ и ФК „Куманово“, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат, соопшти МВР. За време на интервенцијата, како што стои во соопштението, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка. Дополнително, околу 18 часот, при преглед на патничко возило „дачија дастер“, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А.(34) од с. Кондово со сопатник А.Р. (21) од с. Кондово, во багажникот е пронајден пиштол. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, е наведено во соопштението на МВР. нд/

 

Остани поврзан