• понеделник, 23 декември 2024

АВМУ ги објави извештаите за изборното медиумско претставување во вториот круг од Претседателските избори и од Парламентарните избори 2024

АВМУ ги објави извештаите за изборното медиумско претставување во вториот круг од Претседателските избори и од Парламентарните избори 2024

Скопје, 30 мај 2024

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес ги објави извештаите за изборното медиумско претставување за Парламентарните избори 2024 од 18 до 22 април и од 25 април до 6 мај и за вториот круг од изборната кампања за Претседателските избори 2024 од 25 април до 6 мај.

Со мониторингот беа опфатени 10 програмски сервиси на комерцијалните национални телевизии: ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 21-М; ТВ Клан Мацедониа; ТВ Шења; ТВ 24 Вести и ТВ Сонце и програмите на Јавниот сервис – МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.

Предмет на надзорот беше севкупното програмско деноноќие, од кое се анализираа облиците на изборно медиумско претставување. Од ТВ дневниците/вестите за анализа беше издвоено – централното издание, а од вкупниот обем емитувани интервјуа и дебати беа селектирани само тие чија основна содржина беа Претседателските и/или Парламентарните избори.

Сите телевизии од примерокот за мониторинг на медиумското покривање на вториот круг од Претседателските избори известуваа правично, избалансирано и непристрасно, почитувајќи го принципот на еднаквост што е професионална обврска од Изборниот законик.

Известувањето на ТВ сервисите за Парламентарните избори беше фокусирано на информирање за активностите на четирите поголеми коалиции од власта и од опозицијата: Коалицијата за Европска иднина, Коалицијата „Европски фронт“, Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО ДПМНЕ, и Коалицијата ВЛЕН/ВРЕДИ. Единствено ТВ Алсат - М успеа да обезбеди информации за активностите на сите 17 учесници во кампањата. Поради недостигот од примарен новинарски кадар и соодветна дописничка мрежа, ниту една од информативните редакции не успеа целосно да ја исполни обврската за избалансирано покривање на изборниот процес врз основа на принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. За ваквата фактичка состојба одредени редакции ја известија АВМУ уште пред почетокот на кампањата од двојниот изборен процес.

Кај Јавниот сервис, уште еднаш се потврди дека ограничувањата во одредбите од Изборниот законик за поделбата на времето во вестите, не обезбедуваат суштински баланс во известувањето.

Обврската за достапност на содржините за лицата со сетилна попреченост, генерално, ја исполнија сите медиуми опфатени со анализата на мониторингот.

Извештајот за изборното медиумско претставување во вториот круг од изборната кампања за Претседателските избори 2024 е достапен на линкот.

Извештајот за изборното медиумско претставување за Парламентарните избори 2024 е достапен на линкот

 

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан