Абас повикува на нов обид за мир на Блискиот Исток
- Обраќајќи се преку видео врска на конференцијата за конфликтот на Блискиот Исток, што се одржа во Њујорк во пресрет на Генералната дебата на Генералното собрание на ОН, претседателот Абас рече дека „доаѓа зората на слободата“, поздравувајќи го „почетокот на мировниот процес на Блискиот Исток“.
Њујорк, 23 септември 2025 (МИА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас синоќа повика на нов почеток во напорите за постигнување мир на Блискиот Исток, јави ДПА.
Обраќајќи се преку видео врска на конференцијата за конфликтот на Блискиот Исток, што се одржа во Њујорк во пресрет на Генералната дебата на Генералното собрание на ОН, претседателот Абас рече дека „доаѓа зората на слободата“, поздравувајќи го „почетокот на мировниот процес на Блискиот Исток“.
Тој го повика Израел „веднаш да седне на преговарачката маса за да стави крај на ова крвопролевање (во Појасот Газа) и да донесе праведен и сеопфатен мир“, пренесе ДПА.
Абас беше дециден пред дел од светските лидери присутни на конференцијата дека палестинската милитантна организација Хамас „нема да има никаква улога во управувањето“.
-Хамас и другите фракции мора да го предадат своето оружје на Палестинската самоуправа, рече Абас.
Тој им се заблагодари на Франција, Обединетото Кралство, Канада и другите западни земји кои во последните два дена ја признаа палестинската државност, пренесе ДПА.
Палестинскиот претседател не можеше лично да присуствува на конференцијата и нема да биде на Генералното собрание, кое се одржува во Њујорк, бидејќи американската Влада ги повлече визите за палестинската делегација, тврдејќи дека Палестинската самоуправа не се дистанцирала доволно од тероризмот.
Во согласност со договорот со ОН, САД, по правило, се обврзани да издаваат визи на сите претставници кои сакаат да патуваат во седиштето на ОН во Менхетен, Њујорк.
Вчерашната конференција, свикана од Франција и Саудиска Арабија, имаше за цел да даде нов импулс кон решението за две држави, кое предвидува Израел и независна, демократска палестинска држава да живеат мирно еден до друг.
Конференцијата имаше за цел да го зголеми притисокот врз Израел да се вклучи во преговори.сд/
фото:ЕПА