• понеделник, 23 декември 2024

АА: Интензивни разговори за затворање на сите прашања на преговарачката маса

АА: Интензивни разговори за затворање на сите прашања на преговарачката маса

Скопје, 6 февруари 2023 (МИА) - Тимовите на СДСМ и Алијансата за Албанците, како што информираат од АА, ги привршуваат преговорите за проширување на владината коалиција. Од АА  велат дека и денеска работните групи се во интензивни разговори по кои веројатно ќе се знае точно кои функции ќе ги добијат.  

Од партијата тврдат дека „веќе е договорено со министерствата за здравство и за правда да раководат кадри на Алијанса, ресори кои во моментов се во раце на Алтернатива и СДСМ“. За третото министерско место, посочуваат, се уште се преговара.

-Работните групи со висок интензитет работат на затворањето на сите прашања кои се на преговарачката маса. Има договори, има приближувања, но има и несогласувања за некои прашања. Преговорите продолжуваат додека не се затворат сите теми, велат од Алијансата за Албанците за МИА.

Официјалниот договор меѓу Димитар Ковачевски и Арбен Таравари се очекува тие лично да го соопштат по финалната средба која се уште не е закажана, но како што велат, се очекува да се одржи многу скоро. 

 Претходно, од АА за МИА посочија дека приоритет ќе им биде борбата против организираниот криминал и корупцијата, и затоа, како што велат, инсистираат нивни кадри да бидат застапени во сите дирекции, институции и инспекторати кои се поврзани со овие области, како УЈП, Царината, полицијата... Според нив, не е услов да имаат прв или втор човек во овие институции, туку нивни кадри да бидат застапени во сите овие институции на различни нивоа.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари по средбата со премиерот Димитар Ковачевски на 1 февруари изјави дека влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата се уште не е дефинитивно, но оти шансите за тоа се огромни. Тој потенцираше дека околу 90 проценти од програмските определби се синхронизирани и оти средат разговпри за кадровските решенија, посочувајќи  дека еден од ресорите за кои „имаат најдобри кадри“ е Министерството за здравство.

И премиерот Димитар Ковачевски напомена дека во најголем процент се усогласиле со Алијанса за Албанците и оти ќе продолжат разговорите за сите аспекти за можна соработка. фф/лв/

Остани поврзан