Стерјовски: Минатата година беше полна со предизвици, притисоци и искушенија, но и година на достоинство и истрајност
- Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски оценува дека минатата годината била година на динамично патување, исполнето со борба, визија и непоколеблива посветеност кон зачувувањето и унапредувањето на македонскиот идентитет и култура на Македонците од Албанија.
Дебар, 2 јануари 2026 (МИА) - Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски оценува дека минатата годината била година на динамично патување, исполнето со борба, визија и непоколеблива посветеност кон зачувувањето и унапредувањето на македонскиот идентитет и култура на Македонците од Албанија.
Додава дека 2025 била година полна со предизвици, притисоци и искушенија, но и година на достоинство и истрајност.
-Не потклекнавме пред нападите, без разлика дали доаѓаа одвнатре или однадвор. Останавме свои на своето, горди на корените и верни на вистината. Со јасен глас и исправен став, Македонците од Албанија повторно ја потврдија својата видливост и присуство, на домашно, европско и меѓународно ниво, нагласува Стерјовски.
Минатата година, посочува, нè научи дека слободата не се добива, туку се брани, дека идентитетот не се подарува, туку се живее.
- И дека само со единство, храброст и верба во сопствените вредности можеме да чекориме напред. Како што рекол Бенџамин Френклин „Секој кој наместо слободата ја брка сигурноста, на крај неминовно ги губи и двете", вели Стерјовски.
Порачува дека „со поглед кон иднината, чекориме понатаму, посилни, посвесни и уште поодлучни“. вт/мд/
Фото: МАЕИ