• недела, 22 декември 2024

 Филипа Сара Попова е добитник на поетската награда „Млада Струга“

 Филипа Сара Попова е добитник на поетската награда „Млада Струга“

Струга, 8 јули 2024 (МИА) - „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова е добитник на наградата „Млада Струга“ за необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант за 2024 година, што ја доделува националата установа „Струшки вечери на поезијата“  во соработка со „Европската куќа“ и со поддршка на делегацијата на Европската Унија.

На конкурост, како што истакна на денешната прес-конференција на која беше соопштен добитникот, претседателот на жири комисијата  Славе Ѓорѓо Димоски, пристигнале петнаесет ракописи од исто толку млади автори-дебитанти. Тој посочи дека со членовите Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади ги извдоиле ракописите: „Собрани остатоци од светот“ од Пепи Стамков, „Ноќен суфлер“ од Светла Јакшиќ и „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова.

- Жири-комисијата по разгледувањето на пристигнатите ракописи констатира дека сите автори на тематско-мотивско ниво се слични или блиски и ги следат современите текови на поезијата, но кога станува збор за структурата на стихот или на песната, или, пак, на книгата како целина, квалитетот варира, кажа Димоски.

Според образложението, Попова е извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага. Филипа Сара Попова, како што е наведено, користи лесен и разигран јазик, иако полн со симболи, слики и логички корелации помеѓу нив.

- Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Одбивајќи да сонува со отворени очи, будно ги следи сите потреси на секојдневието, сите навреди на суштинското во човекот, сите рани по телото на земјата. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме. Време омеѓено, полно со граници и пречки за слободно растење и извишување, истакна Димоски.

Директорот на „Струшките вечери на поезијата“ Тодорче Тасевски посочи дека Струшките вечери на поезијата отсекогаш им давале простор на младите поети.

- Од оваа година, младите поети добиваат уште една можност: возобновената поетска награда „Млада Струга“ којашто во минатото беше желно исчекувана од поетите од помладата генерација. Наградата се доделува за необјавена поетска стихозбирка од млад автор дебитант, кој покрај паричниот износ, ја добива можноста стихозбирката да биде објавена во рамки на изданијата на Фестивалот. Но, исто така и можноста за учество и негова промоција на Струшките вечери на поезијата, истакна Тасевски.
Поддршката од Делегацијата на Европската Унија, која преку Европската куќа  Струга, се покровители на наградите „Млада Струга“ и „Енхалон“, според него, е потврда за тоа дека се поддржува креативноста на младите поети кои го збогатуваат европскиот културен мозаик, но се поддржуваат и Струшките вечери на поезијата како светски признат и познат Фестивал. сс/цр

Фото: МИА

Остани поврзан