• четврток, 15 јануари 2026

X презема мерки за усогласување со британскиот закон, вели Стармер во услови на спорот за Грок

X презема мерки за усогласување со британскиот закон, вели Стармер во услови на спорот за Грок

Лондон, 14 јануари 2026 (МИА) – Платформата X на Илон Маск презема мерки за да се усогласи со британскиот закон, изјави денеска британскиот премиер Кир Стармер пред пратениците, по спорот околу нејзиниот четбот со вештачка интелигенција, Грок.

Стармер рече дека се добредојдени вестите дека компанијата за социјални медиуми презема мерки во врска со загриженоста дека Грок произведува сексуализирани слики на жени и деца.

Сепак, тој додаде дека владата нема да се „повлече“, нагласувајќи дека независната истрага на британскиот медиумски регулатор Ofcom за Грок ќе продолжи.

Во меѓувреме, Маск тврди дека неговиот четбот одбива да произведува нелегална содржина и се чини дека го обвини „непријателското хакирање“ за генерирањето на сексуализираните слики од страна на Грок, пренесе ДПА.

Стармер повторно го осуди Грок како „одвратен“ и „срамен“ и рече дека Ofcom има целосна поддршка од министрите да дејствува доколку X не го стори тоа.

- Да го известам Домот, утрово бев информиран дека X дејствува за да обезбеди целосна усогласеност со британскиот закон. Ако е така, тоа е добредојдено, но нема да се повлечеме и тие мора да дејствуваат. Ќе ги преземеме неопходните мерки. Ќе ги зајакнеме постојните закони и ќе подготвиме легислатива доколку е потребно да се оди понатаму, а Ofcom ќе ја продолжи својата независна истрага, рече тој.

Официјалниот портпарол на Стармер изјави дека тој одговарал на „одредени извештаи од утрово во врска со некои од промените на платформата во однос на способноста за генерирање слики на жени“.

Ofcom почна истрага за X во понеделникот, по зголемената загриженост поради извештаите дека Грок им дозволува на корисниците да манипулираат со слики на жени и деца за да ги сексуализираат.

Министерката за технологија, Лиз Кендал, изјави дека регулаторот ќе има целосна поддршка од министрите да преземе мерки против X, вклучително и ефективна забрана на платформата во Обединетото Кралство, доколку компанијата не направи измени. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан