• среда, 04 февруари 2026

Скопје во март домаќин на регионалната конвенција за тетоважи „Artist Republic 2026“

Скопје во март домаќин на регионалната конвенција за тетоважи „Artist Republic 2026“

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Следниот месец, Скопје ќе биде домаќин на првата регионална тату-конвенција „Artist Republic 2026“ („Артистичка република 2026“), којашто ќе се одржи на 14. и 15 март во хотелот „Александар Палас“. Претходните две години се одржуваа настани со сличен концепт, но годинава настанот го надминува локалниот формат и ќе ги обедини најталентираните уметници од целиот свет, промовирајќи ја културата на тетовирањето како вистинска уметност и начин на лично изразување.

„Организатори на 'Artist Republic 2026' се 'Скопје тату-шоу' (Skopje Tattoo Show) и белградската 'Грејт харт арт' (Great Heart Art), коишто со голема посветеност и несебичен труд го подготвуваат овој регионален настан за тату-културата, со цел Македонија да се позиционира како врвен домаќин на ова уникатно уметничко искуство. Настанот ќе привлече не само професионални уметници, туку и поширока публика, инфлуенсери и медиуми, создавајќи жив, динамичен и инспиративен простор за поврзување, креативност и културна размена. Со нагласка на квалитетна уметност, талент и иновација, 'Artist Republic 2026' се стреми да стане редовен настан во културниот календар на регионот и да ја промовира тетоважата не само како тренд, туку вистинска уметност којашто инспирира, предизвикува емоции и отвора нови хоризонти на личното изразување“, се вели во соопштението.

На собирот ќе учествуваат околу 150 уметници, кои ќе прикажат различни стилови и техники на тетовирање, нудејќи ретко визуелно и креативно искуство за сите љубители на тетоважи, уметност и култура. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со артистите, да учествуваат во работилници, да ги видат најновите трендови и да се нурнат во светот на инспирацијата и креативноста. Настанот ќе има и натпреварувачки карактер, со доделување награди во повеќе категории, што ќе ја засили возбудата и креативниот дух.

Настанот може да се следи на официјалните канали на настанот на Инстаграм и на официјалната веб-страница. Таму „ќе ја откриете програмата и запознаете учесниците за настанот што ќе го оживее Скопје во ритамот на уметноста и креативноста!“, нагласуваат организаторите.

Инаку, дводневната програма ќе биде збогатена и со музички содржини што ќе ја заокружат атмосферата и ќе ја афирмираат тату-културата како дел од современата урбана култура.  си/са/

Фото: Официјалната страница на настанот

Остани поврзан