• среда, 20 ноември 2024

Taсевски за МИА: Струшките вечери на поезијата ги одржува посветеноста и љубовта од самите стружани, треба да се засили мултимедијалниот аспект

Taсевски за МИА: Струшките вечери на поезијата ги одржува посветеноста и љубовта од самите стружани, треба да се засили мултимедијалниот аспект

Струга, 20 август 2023 (МИА) - Во завршна фаза се подготовките на една од најстарите поетски манифестации во светот, Струшките вечери на поезијата, што традиционално секоја година се одржува последната недела во август. Љубителите на пишаниот збор годинава ќе имаат можност да уживаат во поетска Струга од 24 до 27 август на 62. фестивалско издание, кое ќе се одржи на традиционалните локации. Официјално отворање пред Домот на поезијата, со изведба на Константиновата Т`га за југ, поетски читања на повеќе локации и затворање на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, каде ќе бидат врачени највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мосотви на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ на годинашните лауреати Влада Урошевиќ, Гевин Бредли и Димитар Башевски.

За да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма

За тоа како течат подготовките, новите содржини, модернизацијата на Фестивалот, но и традицијата во МИА интервјуто со директорот на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Тодорче Тасевски. Мотото на годинашниот Фестивал е „Чувствотворен јазик“. Со ова мото, нагласува Тасевски, сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик, како јазик создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така, вели, сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот, па во таа смисла таа е и „Чудотворен јазик“. 

Господине Тасевски пред нас е уште едно издание на Струшките вечери на поезијата. Како течат подготовките? Како е предвидено ова издание? Колку поети и од кои земји го потврдија учеството на Фестивалот?

- Подготовките за претстојното издание на еден од најстарите светски поетски фестивали, Струшките вечери на поезијата се во завршна фаза и во полн ек, како што е вообичаено за овој период пред започнувањето на Фестивалот. Се чувствувам навистина почестен и можам да кажам привилегиран да раководам со тим, кој покрај редовно вработените во НУМ „Струшки вечери на поезијата“, кои посветено ги извршуваат своите работни задачи, вклучува хонорарни соработници, што несебично и со голем ентузијазам секоја година максимално се вложуваат во организацијата на Фестивалот. Овие млади, талентирани и вредни луѓе, најголем дел од нив од Струга, навистина се носечката сила, која што овозможува Фестивалот да се одвива во најдобар можен ред и да се реализира една обемна и згусната програма на содржини и настани. Не ги заборавам и преведувачите, лекторите и сите останати што даваат несебичен придонес.

Ова издание е предвидено да се реализира на вообичаените локации, по двете изданија во 2020 и 2021 година, што се одвиваа во услови на корона и минатогодишното, кога заради неповолни метеоролошки услови бевме принудени да ги смениме традиционалните локации.

Дваесет и пет поети од петнаесет земји веќе го потврдија своето учество. Меѓу учесниците се: Гевин Бредли, добитникот на наградата „Мостови на Струга“ кој живее и работи во Канада, а ни доаѓа од Ирска, Гај Хелмингер од Луксембург, Биргит Крејпе од Германија, Каролина Пихелгас од Естонија, Чема Паз Гаго од Шпанија, Гонџa Oзмен од Турција. Од регионот ги имаме Павле Горановиќ од Црна Гора, Димитрис П. Краниотис од Грција, Жељка Авриќ од Србија, Арјан Калчо од Албанија, Роза Бојанова од Бугарија и уште многу други.

Годинашен добитник на највисокото признание на фестивалот Струшки вечери на поезијата е истакнатиот поетот и писател, академик Влада Урошевиќ. Зошто баш Урошевиќ и врз кој принцип се бира добитникот на Златниот венец?

- Годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ. Со својата исклучителна творечка дејност, со своите бројни книжевни дела од кои преку дванаесет збирки поезија, со бројните домашни и меѓународни награди и признанија, со членството во Меѓународната академија Маларме во Париз и во Европската поетска академија со седиште во Луксембург, како и членството во МАНУ, Македонскиот П.Е.Н Центар и Друштвото на писателите на Македонија, Влада Урошевиќ целосно заслужува да биде третиот по ред македонски добитник на Златниот венец, по Блаже Конески во 1981 година и Матеја Матевски во 2011 година.

Добитникот на Златниот венец се бира врз принципите образложени во правилникот за доделување на наградата „Златен венец“. Советот за доделување на наградата, кој е составен од истакнати поети, литературни критичари и теоретичари, членови на МАНУ од постојаната листа на кандидатури за наградата „Златен венец“, поднесени и од членовите на актуелниот состав на Советот, но и од членовите на претходните состави, по повеќемесечно заседавање утврдува потесна листа од пет поети што се во конкуренција за наградата. Потоа со јавно гласање утврдува еден предлог за добитникот на наградата, кој се поднесува до Управниот одбор на СВП. Управниот одбор го потврдува предлогот за добитник и традиционално, на 21 март, Светскиот ден на поезијата се објавува името на добитникот на свечена седница во Македонската академија на науките и уметностите. Оваа година, имавме исклучителна можност, објавувањето на добитникот на наградата Златен венец да биде во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Секоја година Фестивалот доживува промени и модернизација, што е променето последните години и што да очекува публиката годинава?

- Со моето назначување на позицијата директор ја увидов потребата да се следи трендот на презентација на содржините на Фестивалот на најчесто посетуваните социјални платформи. Ангажиравме професионална продукција за реализација на директен пренос на целокупната програма преку live streaming, па така публиката има можност да ја следи програмата на официјалниот Youtube канал на Струшките вечери на поезијата. Ја оптимизиравме постоечката веб страница и ја зголемивме видливоста на Фестивалот на социјалните мрежи, за што изразувам искрена благодарност на Семјуел Кенеди и компанијата Кенеди Технолоџис, кои посветено и без надомест, имплементираа нов дизајн на веб-страницата и надградба на системот за управување со содржина (Content Management System) што ни овозможи многу полесно и пофункционално да ја збогатуваме со нови содржини.

Бронзените плочки со имињата на лауреатите во Паркот на поезијата, кои беа мета на кражба заради материјалот од кој се изработени, во 2021 година, беа заменети со плочки од композитен материјал. На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и кјуар-кодови, кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и поезија. За жал, некои и од овие плочки беа мета на намерен вандализам и уништување. Минатата година, понудивме еден смел концепт во кој дел од членовите на бендот „Пијан славеј“ ја изведоа Т`га за југ во авторска преработка како музичка точка. Оваа година ќе се потрудиме да ги актуелизираме најновите трендови на користење на алгоритмите на вештачката интелигенција за кои поетскиот јазик станува предизвик. Сметам дека во иднина Струшките вечери на поезијата треба да се движат во насока на користење на новите технологии за да се зголеми интеракцијата со публиката и да се засили мултимедијалниот аспект на презентирање на поезијата.

Фестивалот почнал со поетски читања на група ентузијасти од Струга, а денеска е светски познат и признат. Ајде малку околу историјата на СВП, како се гради низ годините?

- Струшките вечери на поезијата се раѓаат како идеја по одржаното поетско читање на 15 јули 1961 година, од страна на неколку истакнати македонски поети во чест на 100-годишнината од издавањето на Зборникот на браќата Миладиновци, славните струшки браќа Димитар и Константин. Првичната идеја било тоа поетско читање да стане традиционално и да се одржува секоја година. Импресивно е како ентузијазмот на оваа група истакнати македонски поети бил широко прифатен и од тогашните општествено - политички фактори и од општина Струга и како за три години од првичната идеја, Струшките вечери стануваат меѓународен фестивал, кој успева да ги донесе во Струга најистакнатите светски поети од втората половина на 20. век.

Во годините на Студената војна, Струшките вечери на поезијата и градот Струга се едно од ретките, а можеби и единствено место на земјината топка во кое истовремено доаѓаат поети и од Западниот и од Источниот блок во тогаш поделениот свет со зони на влијание. Така што би можеле да кажеме дека Струшките вечери на поезијата, освен уметничка, имале и геополитичка важност.

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2021 за најдобра дебитантска книга од млад авт

Она што го одржува духот на Струшките вечери на поезијата, освен неприкосновената репутација и импресивното портфолио што го прави еден од најпознатите светски фестивали, е посветеноста, вложениот напор и постигнатите резултати од сите претходни раководства, во чии организациски тела членувале најпознатите македонски поети. Но, исто така и професионалноста во извршување на работните обрски од страна на редовно вработените во установата Н.У.М „Струшки вечери на поезијата“. И на крај, но не и најмалку важно, туку напротив. духот на Струшките вечери на поезијата го одржува желбата, посветеноста и љубовта кон Фестивалот од страна на самите стружани. Стружани се горди на Фестивалот и со право чувствуаат дека во деновите на одржување на Фестивалот тие се навистина во фокусот на внимание, како од домашната, така и од меѓународната јавност.

Кои се вашите очекувања од годинашната манифестација?

Моите очекувања и заложби се да реализираме издание што ќе ја потврди репутацијата на Фестивалот и ќе го задржи препознатливиот формат на фестивалската програма. Мотото на годинашниот Фестивал е „Чувствотворен јазик“. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик, како јазик создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот, па во таа смисла таа е и „Чудотворен јазик“. Ваквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција, коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Во програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена тркалезна маса на тема: „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“, за која веќе се пријавени учесници и очекувам голем интерес.

Во рамки на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинашниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада) како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски. Ќе биде организиран специјален настан со избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.

Оваа година, во рамки на програмата за одбележување јубилеј - 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, се предвидени неколку содржини: изложба на фотографии поврзани со учеството на Ацо Шопов на Струшките вечери на поезијата и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот. Ацо Шопов, имено е претседател на првиот Фестивалски одбор. Промоција на преведени изданија на Ацо Шопов на неколку јазици, како и свечен настан по повод јубилејот, што ќе се одржи во црквата Света Софија на 26 август, непосредно пред портретот на лауреатот на годинашното издание, истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ.

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен Монографијата за добитникот на Златен венец, Зборникот на Фестивалот, тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, Зоран Анчевски изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли, во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и философ Иван Џепароски. Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуелизира книжевно теорискиот пристап на еко поезијата и еко критиката.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“ во соработка со унгарската амбасада, во рамки на прогрмата на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој славен унгарски поет.

Зошто го укинавте настанот „Поезија на пат“, кој се одржуваше во повеќе градови, со што покрај Фестивалот се промовираше и државата преку поетите учесници?

- Програмската содржина „Поезија на пат“ не е укината. Во изминатите години, кога изданијата на Фестивалот беа реализирани во услови на пандемија на корона, одржувањето на „Поезија на пат“ беше одложено од оправдани причини. Оваа година, дел од учесниците на Фестивалот, во рамки на „Поезија на пат“ ќе имаат поетско читање во Крушево, кој е Град на културата за 2023 година и сметаме дека ова треба да се воспостави како традиционална пракса.

СВП е дел од платформата Версополис, колку оваа платформа помага за афирмација на македонските поети, на Фестивалот, но и на државата воопшто?

- Во март 2014 година на иницијатива на СВП и издавачката куќа „Белетрина“ од Љубљана беше покрената иницијатива за создавање платформа во која ќе бидат вклучени десет поетски фестивали од Европа со цел да се поттикнат соработката, мобилноста на поетите и промоцијата преку настани, кои ќе бидат финансирани со средства од програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија.

Хидролошките мерења на УХМР денеска покажуваат дека нивоата на повеќето реки во земјава се преполовени. Ниту една не е во рамки на просекот за јануари.

Проектот овозможи не само значително олеснување и поддршка во организација на поетски настани од страна на фестивалите вклучени во платформата, туку и можност за презентација на македонската поезија на два начини: преку номинирање на македонски поети од страна на Струшките вечери на поезијата и превод на нивната поезија на англиски јазик, на поетски корпус што станува дел од дигиталната платформа на Версополис, но и уште поважно: преку можноста овие номинирани македонски поети да бидат канети да учествуваат на фестивалите што се дел од „Версополис“. Со учеството, тие добиваат можност нивната поезија да биде преведена и на јазикот на државата во која гостуваат на конкретниот фестивал. Постојните 13 партнери во платформата се зголемија на 30 редовни и придружни членки, a по успешната aпликација од страна на Белетрина е одобрен нов трет проектен циклус од 2022-2025 година. Оваа година, на наше големо задоволство, две македонски поетеси беа учеснички на фестивали, членки на платформата „Версополис“. Ивана Јовановска, поетесата што беше номинирана минатата година, учествуваше на фестивалот во Хаусах, Германија, а Ива Дамјановска, добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2020 година учествуваше на фестивалот во Корк, Република Ирска.

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото: МИА и СВП

Остани поврзан