• вторник, 05 ноември 2024

Tренчевска: Новата градинка во Боговиње е пример за еднаков пристап и грижа за сите граѓани, обезбедено згрижување за 87 деца

Tренчевска: Новата градинка во Боговиње е пример за еднаков пристап и грижа за сите граѓани, обезбедено згрижување за 87 деца

Тетово, 26 август 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, градоначалникот на Општина Боговиње Бесник Емшиу, вишиот специјалист за образование во Светска Банка, Северна Македонија Бојана денеска присуствуваа на одбележувањето на почетокот со работа на новата градинка „Јета“ во селото Камењане при Општина Боговиње. Во оваа градинка ќе бидат згрижени 87 деца од општината.

-Еден од најважните приоритети на оваа Влада е подигнување на квалитетот на социјалните услуги, а дел од нив е и грижата за децата и градење на систем за обезбедување згрижување и квалитетен развој. Сега, плодовите од изградба на тој систем се веќе видливи и не се повеќе идно, туку сегашно време, а во сегашното време за резултатите најдобро говорат насмеаните лица на родителите, децата и воспитно-образовниот кадар.  Денеска сме многу горди бидејќи во општината Боговиње за прв пат жителите добиваат пристап до квалитетна социјална услуга во близина на местото на живеење. Тоа значи поквалитетен живот за сите, а особено за најмладите, кои добиваат можност за современ детски развој. Покрај тоа, оваа градинка е пример за еднаков пристап и грижа за сите жители, независно дали се работи за поголема или помала општина, што е цел на социјалната реформа, истакна Тренчевска.

Досега децата од оваа општина беа згрижувани во блиските општини, а најмногу во градинките во Тетово, што претставуваше проблем за жителите од Боговиње.

-Навистина сме среќни што денес на нашите жители им соопштуваме убава вест, вест со која во голема мерка ќе се подобри квалитетот на живот. Од сега нашите жители нема да мора да се грижат каде ќе ги носат децата додека се на работа, а нашите најмлади жители добиваат нова модерна градинка која ќе им овозможи уште поубави детски денови. Ние ќе продолжиме да работиме на унапредување на животот во нашата општина на задоволство на сите, истакна градоначалникот на општината Боговиње.

Афердита Имери директорка на градинката „Јета“ во Боговиње на промоцијата на оваа нова институција истакна дека градинката нуди современо згрижување на дечињата од предучилишна возраст.

-Нашиот кадар е стручен и високо мотивиран, а ќе понудиме и инклузивен пристап и за децата од ранливите категории, како и за децата со посебни потреби, посочи Афердита Имери.

Градинката е изградена како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги е поддржан од Светската банка, чија претставничка Бојана Нацева беше на настанот.

-Човечкиот капитал е најважниот ресурс за една земја и игра суштинска улога во промовирањето на растот и развојот. Инвестирањето во човечки капитал уште од раното детство дава најповолни резултати и води кон доживотни и меѓугенерациски придобивки. Токму затоа развојот на социјалните услуги кои ќе овозможат еднаков пристап за сите е од исклучително значење. Оттука, навистина ми претставува големо задоволство што денес имам можност да присуствувам на промоцијата на новата градинка која, сигурна сум, ќе биде сведок на многу весели детски денови. Дополнително ова е потврда на целисходноста на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој е поддржан од Светската банка и е мотив да продолжиме да поддржуваме вакви проекти и во иднина, изјави Нацева.

Во рамките на Проектот што го спроведува Министерството предвидени се изградба, реконструкција и надградба на 16 градинки од кои четири почнале со работа. На тој начин се обезбедува капацитет за повеќе од 1900 деца во повеќе градови и населени места. ас/сст/

Остани поврзан