Концерт на дрон-метал составот „Сан“ во МКЦ
- За љубителите на „авангардата, на експерименталниот звук и на границите на можноста на музиката“, ова е вечер што ќе се памети.
Скопје, 21 октомври 2025 (МИА) - Во ЈУ Младински културен центар во Скопје, во организација на издавачката куќа “Фак Јога / Милинтант ЗаЗа”, вечерва ќе се одржи концерт на легендарниот американски дрон-метал состав „Сан“ ('Sunn O)))') - еден од највлијателните и најекстремни по звук музички музички состави на нашето време.
„Стивен О’Мали и Грег Андерсон - двоецот кој стои зад оваа звучна алхемија, пристигнуваат во Скопје како дел од европската турнеја 'Шошин дуо' (Shoshin Duo), којашто оваа есен ги носи низ Белград, Загреб, Софија и други градови. Нивната музика не е само концерт - тоа е телесно искуство. Познати по своите моќни звучни ѕидови, бавни и тешки фреквенции, и ритуалната магла што ја обвива публиката, „Сан“ создаваат атмосфера што истовремено е медитативна и застрашувачка. Настапите им се дел од уметничка изведба каде што гласноста не е само сила, туку форма на комуникација - вибрација којашто се чувствува во коските и градите“, се вели во известувањето.

За љубителите на „авангардата, на експерименталниот звук и на границите на можноста на музиката, ова е вечер што ќе се памети, а МКЦ ќе биде исполнет со густ, длабок звук и светлина што ќе го претвори просторот во звучен облак“, се наведува.
Билетите за концертот се во продажба на страницата на „Друга страна“, по цена од 1200 денари. Влезница на врата ќе чини 1500 денари. си/
Фото: МКЦ