• понеделник, 23 декември 2024

Social Day по четврти пат ги обедини младите и работодавците во Северна Македонија

Social Day по четврти пат ги обедини младите и работодавците во Северна Македонија

Скопје, 13 јуни 2024

„Активно граѓанство, солидарност, волонтирање, кариерен развој, општествена одговорност, младински фонд, поддршка, соработка, одржливост. Уникатен концепт, добро познат на глобално ниво, моќна алатка за солидарност и општествена одговорност, кој на 5ти јуни 2024г. по четврти пат ги обедини младите и возрасните во нашата земја.

Ден кога 245 млади од Северна Македонија стекнаа искуство за работата која отсекогаш ја посакувале, а истовремено се ангажираа во заедницата за да им овозможат на своите врсници подобра положба во земјата.

Ден кога над 60 општествено одговорни домашни компании и организации обезбедија работни позиции за младите и донираа време, знаење и финансиски средства за доброто на младите. 249,000 денари изнесува младинскиот фонд креиран преку соработка на младите и возрасните, кој во наредните месеци ќе придонесе за спроведување на младински проекти.“

Токму ова се главните резултати од четвртиот SOCIAL DAY во Северна Македонија, спроведен од Здружение на граѓани Младите можат на 5ти јуни 2024г во градовите Скопје, Велес, Радовиш, Тетово, Струмица, Гевгелија, Богданци, Неготино, Дојран, Битола, Гостивар. На овој ден 60тина домашни компании и организации земаа учество и обезбедија позиции за 245 млади, меѓу кои: Комерцијална Банка АД Скопје, Кодит Солушн, Приватна агенција ДЕКРА , ИТ Лабс, Рудник Бучим Радовиш, А1 Македонија, Аптеки Еурофарм, општина Центар, Кеслер, РЕК Битола, итн.

Импресиите по завршување на работниот ден се позитивни, дел од младите си ја потврдија желбата кон одредена професија, дел од нив разбраа дека сакаат нешто друго да работат. Но, најважното од се, секој од нив се стекна со ново искуство и доби можност да истражува и спознава нови работи.

Поминавме супер. Немавме конкретна позиција туку повеќе вработени ни објаснуваа како работи секторот за кој се задолжени. Научивме како функционира аплицирањето за поврат на дел од инвестицијата, како и зошто се прави бизнис план и според кои критериуми се одлучува дали ќе се одобри повратот. Исто така се запознавме со работата на маркетинг секторот преку изработка на платформата за компанијата. – Ива во компанијата Smart Finance

И оваа година, на наше огромно задоволство, 10 средношколци од Битола еден училишен ден заменија со работа во аптеките на Еурофарм. Како поддржувачи и на годинашното издание на проектот „Social Day“, им овозможивме на младите да научат како функционираат нашите аптеки и како се работи со задоволни клиенти. Како и досега, ја препознаваме потребата од дополнително образование на младите и можност да се соочат со работењето во пракса. Со реализација на проектот „Social Day“ препознаваме можност да го дадеме својот придонес за создавање образовани, одговорни и амбициозни млади луѓе кои ќе можат полесно и поуспешно да го трасираат својот иден кариерен развој, како и развој и надградување на нивните вештини. – претставник од аптеки Еурофарм

“Младите се катализатори на промени чиј потенцијал треба да се охрабрува, пред се од нивните заедници. Нашата мисија е да ги подготвиме младите за лична позитивна трансформација, да придонесеме кон општество во кое младите се двигатели на промена за слободно и одговорно инклузивно општество.

Преку Social Day сакаме да видиме ангажирани заедници, соработка помеѓу државните институции, граѓанските организации и бизнис секторот, поддршка од родителите, врсниците, наставниците, младинските работници и кариерните советници, кои креираат овозможувачки и поддржувачки средини за младите. Веруваме во млади коишто размислуваат глобално, но делуваат локално, млади кои имаат развиено чувство за солидарност, млади кои го инвестираат своето време за подобрување на состојбите во својата заедница, млади кои веруваат во одржлив свет.” – изјави Анита Николовска, Извршен директор на Здружение на граѓани Младите можат.

____________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Младите можат

Во наредниот период се очекува реализација на проект од млади за млади, којшто ќе биде избран и имплементиран од младите, а ќе влијае на подобрување на квалитетот на животот на младите.

Проектот “Social day” е имплементиран од Здружение на граѓани Младите можат.

Младите можат

 

Остани поврзан