• недела, 22 декември 2024

До следната недела ќе се знае под кои услови компаниите ќе ги користат средствата од унгарскиот заем

До следната недела ќе се знае под кои услови компаниите ќе ги користат средствата од унгарскиот заем

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - На крајот на оваа или почетокот на следната недела се очекува да бидат прецизирани условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем. По заедничката средба на Владата со Македонската банкарска асоцијација, следуваат поединчени средби со дел од банкарите, вклучувајќи ја и Народната банка. Од бизнис секторот очекуваат дека наскоро ќе ги добијат средствата под поволни услови.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека се анализираат две сценарија и дека се работи на тоа компаниите да ги добијат парите по најповолни услови.

-  Во текот на оваа недела Министерството за финансии ќе има поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка.  Очекувам крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најнински услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот, рече вчера Мицкоски.

По средбата на МБА и Владата одржана викендот, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско гостување на „Сител“ рече дека комуникацијата со банките продолжува и дека се очекува тие да се произнесат во однос на каматната стапка и можноста таа да е пониска од 3,25 проценти и да се утврдат некои детали во однос на критериумите. 

- Со банкарскиот сектор единствено на некој начин не можевме да го договориме рокот на отплата, затоа што секоја банка има интерна процедура за носење одлука која зависи дали станува збор за опрема или градежни објекти. Целта беше да постигнеме заеднички договор со кој би утврдиле кои би биле роковите, односно тие да ги прифатат истите услови под кои ние го земавме кредитот,  а тоа е 3 години грејс период и 12 години рок на отплата и на тој начин да избегнеме ситуација на одење на клиентите од една во друга банка. И ние во тој дел разговаравме. Во делот на каматата, Владата останува доколку може да изнајде начин и да договори со банките на некој начинн и тие да имаат општествена одговорност со цел да поттикнеме поголемо инвестирање. Тоа беше намерата на премиерот и во таа насока бараше и банките да одат во делумно субвенционирање на каматата, коешто ако ги погледнеме сите кредитни линии што оделе од Развојната банка биле субвенционирани од Владата вклучително и онаа последна којашто е донесена како одлука од претходната Влада на 25.07.2023 година и со која се субвенционира од Владата, но каматата ја намалува за 1 п.п. кој  го финансира банкарскиот сектор. Не нудевме ништо празлично од тоа што досега го имало претходно со Развојната банка. Премиерот имаше еден нов предлог и ќе видиме како ќе се произнесат банките, рече Димитриеска-Кочоска во понеделникот.

Таа потенцира дека не станува збор за субвенционирање на каматата на компаниите кои ќе ги земат кредитите, туку дека фирмите ќе платат пониска камата од она што е сега просечна по која ги добиваат средствата од банките.

-Фирмите ќе ја платат каматата која ќе биде  пониска од она што во моментот го добиваат од комерцијалните банки, а тоа е просечно  4,9 проценти. Можноста е сега тие да добијат пониска камата од 3,25 проценти и таа да биде максимумот по кој би ги добиле средствата приватниот сектор, рече министерката.

Бизнис секторот очекува што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредит со комерцијалните банки. По барањето на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, вчера и претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски изјави дека македонската економија треба да добие поддршка. Според него, унгарскиот заем во однос на рочноста е поповолен од комерцијалните, а добра е и каматата од 3,25 проценти. 

- Треба да се најде заедничко решение како да се заврши целата работа. Приватниот сектор очекува дека средствата од унгарскиот кредит ќе ги добие преку Развојната банка и комерцијалните банки. Тоа ќе биде стимул за понатамошни инвестиции, развој, нови работни места и креирање на нова додадена вредност, рече Ангелоски.

Бизнисот очекува  што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредитсо комерцијалните банки, порача денеска претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија –

Компаниите, како што посочи, ќе бидат задоволни ако добијат можност да инвестираат со рочност до 15 години. Можноста за субвенционирање на каматата, според Ангелоски, нема да биде прв случај затоа што и во минатото имало случаи кога владите ги субвенционирале каматите. 

И од Стопанската комора на Северна Македонија очекуваат парите од унгарскиот заем наскоро да станат достапни за компаниите и дека на тој начин ќе му се помогне на стопанството да го преброди почетокот на следната година.

- Го пратам процесот како и сите заинтересирани луѓе и во колумна го изнесов својот став. Може тој да се коментира и вака и така, но ние бизнисмените не можеме да се согласиме, односно да содејствуваме во една состојба во која што имаш пари на сметката, а не знаеш што да правиш со нив. Значи, еден ден да седат за нас е тоа изгубено време. Мислам дека е време да се разреши тоа прашање и дека имаат капацитет и Владата и банките да го разрешат тоа прашање и се надеваме дека тоа ќе биде во интерес на фирмите, бидејќи овие средства се наменети баш за нив, изјави Азески минатата среда во одговор на новинарско прашање по потпишувањето договор за соработка со Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.  

Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни - 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот. бак/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан