• петок, 22 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
27 јули 2020 Верувања - сеништа Налегнуање од сеништето во Скопје Ристе Мицов отишол во г. Скопје за да работит на занаат казанџиски, чунки во Прилеп се опустил и немало работа. Нашол еден дуќан затворен и го втил со кирија. Заработил во дуќанот баеги време и чул од луѓе да му велат оти дуќанот ет со сениште, затоа кој-годе не го ваќал со кирија да работи внатре. Од тие зборои некако како да му дојде на Ристета еден страв, навечер коа да спиел во дуќанот. Спиењето му било на Ристета горе, кај што работел (на тезге), а пак на еден друг другар спиењето му било долу на земи, близу еден до други. Една вечер беше си легнал Ристе да спиет и веднаш не можел да заспие, ами оптегнуал. Така завиени, тука опули се, и нито заспивал, нито се разбудуал. Во тоа време видел пред себе еден чоек страшен во лицето што никојпат не беше видел, кај му се испраил пред него и посигнал со едната рака, та го преграбил како на пријателство. Арно ама, кај ти пусто пријателство бараш од сениште: едно беше го преграбал со рака и беше го налегнал сио, та коа беше му натежнало - како целио дуќан да беше паднал на него. Коа се нашол со таа тежина Ристе, опнал да ја одвали од себеси, арно ама ич се туркат сениште: бре што ал беше му дошло! Дал вик по другара си, ѓоа тој да стани и да го куртулиса, арно ама викањето му било како коа со носот чоек да вика: ’у, ’у, ’у. При се што така стенкал и викал, го чул другрот и станал та го ватил со рака и го разбудил. Коа станал, жива вода беше се сторил од пустата тежина на сеништето што беше го налегнало. Сениште во Охрид Во куќите на Танчевци имаше некоаш едно сениште како некое Арапиште. Нивните куќи беа големи баеги, имаа визбишта длабоки, килери големи и темничаи, да тука беше се заселило сеништето. Откога видоа Танчевци голем зорт од сеништето и не можеле веќе да живеат од него, та беше ѓи остаиле пусти куќите и си ошле во други куќи да седат бидејќи живот мила. Бидејќи големи куќите и згодни како за коњи да живеат здола, седнале сувариј со коњите од конак, чунки тие не веруале да имаат сениште тамо. Од вечерта што беа седнале, беше му ѓи запашкало сеништето, беше му ѓи изјавало коњите што биле во килерот и беше му ѓи изврзало нозете со триста јазли. Кога пошле да и видат - што да видат? - Коњите уморени како да беа носеле двесте ока тоар, жива вода сторени, од секое влакно и капка, легнати завалијте наземи, врзани сите четири нозе: одвај беше си ѓи одврзале и толку, беше се разденило и не беше ѓи стемнило суариите: бегај да бегаме - беа си рекле. Јонче Болев беше врзал еднаш еден коњ таму да му постоит малку време тамо (во куќата Танческа) без да веруат оти имало сениште и кога ошол да си го земит од кај што беше го врзал коњо не беше го нашол. Тргнал да го барат низ килерот, арно ама бидејќи беше многу темница, спружил обете раце пред себе за да не се удрит во нешто во темницата. Како што џбаркал во темницата, туку беше ти зграбил нешто како чоек и туку беше му светнале очите како некој секајци, му се озабил со забите како некој Арап, умрел сиромаиот, па се оживеал од пусти страои од Арапот, се дрпнал назад, трештил да бега низ темнината, бре вамо, бре тамо, одвај видел виделце од едно пенџерче и одвај ја нашол вратата, да кога излегол беше се преродил. Сениште во Лом Нацо Талев од гр. Битола ми кажуваше за едно сениште што го наклапушило еднаш во г. Лом. Во 1887 г. бил во Лом пајтонџија. Цел ден и цела ноќ речиси што го терал пајтонот и коа ќе го остаел дење да се починат коњите, одел во еден ан пус да преспие малку, во една одаја што била здрава во анот. Мнозина му се чудиле на Наца дека одел во пустио ан да спиет, чунки сите во Лом веруале оти во тој ан имат сениште, да од тоа беше се запустил анот. Нацо тоа не го клаал на умот и пак си одел во запустенио ан, та си преспивал дење на пладнина, натевна тамо: немало таму кој да му вреви и да му зборуа за да не го остава да спиет, та затоа одел. Еден ден отишол да поспиет и си легнал на плеќи, со лицето откај вратата да гледат. Уморен бидејќи беше бил многу и дури испотен, не можел колај да заспиет: како да беше завенал малку, ама со отворени очи беше бил и се пулел кај вратата од одајата. Гледајќи во вратата, видел еден чоек да влегуат во вратата, ама знаиш каков чоек? - Еден висок, да страшен, што кој да го види, триста трески да го ватат! Едни раце коа беше спружил, уште од врата, колку два аршина долзи: едни прсти колку едно вретено долзи, тоа нокти како од некој орел. Спружајќи рацете како кај Наца и со усул му ’и доближал до прстите од нозете Нацеи, та му ’и закачил ноктите во прстите од нозете и туку му се прибрал до Нацета влечејќим се чоекот по коленици и му се ококотил со очи. Гледајќи Наце таков страшен чоек што, откоа беше се родил, не видел, и да не даеше Господ дури жив да види, од големио страв што беше му дошло се здрвил на местото Наце и се скоал. ’И откачило сеништето ноктите од нозете и ’и закачило понагоре, нагоре, дошол дури до гуша и туку го наклапушил над него, како некоја стена, што да тежи еден милион ока. Леле, леле, пуста мака Нацеа, пот како река текло од него. Нито можел да викни, нито можел да мрдни. „Де море ал - си велел сам со себе - ќе пукнам како подуен мев: што ми било речено: од кај си Боже, лежи си, да си умриш, ем никој да не ме видит и да не ме знаит кај сум умрен“. Наце во мислата си бил здрав и се сеќаал што му се праело од лошио и страшнио чоек што го наклапушил, арно ама ништо немало што да чинит, чунки бил наклапушен. Мрдни чинел со рака, ѓоа да се куртулиса и да го ватат за гуша страшнио чоек, арно ама не можел ни барем еден прс да помрдни, а не сета рака да ја ослободи и до ак на страшнио чоек да му дојди и да се куртулиса. Кој можи да си помисли (да си вообрази) каква мака имал во тој саат Наце? - Само јас си знаев чичо Марко, тогај што мака имав на тој саат, а друг никој, Господ да ми беше на помош уште за пет минути ако не се истаеше, бездруго јас ќе пукнев, чунки налегнуањето не беше малку, како што кажуаат едни, за неколку декики, ами моето налегнуање беше два цели саати, да ела да видиме како можи да се трае. Арно ама, што ти велат: чоекот ет појак и од камен, тики од мака не умират, колај, колај. Многупати беше се опечалил Наце со сета сила за да го одврлит страшнио чоек од себеси, арно ама ич планина можит чоек да ја турнит, да и Наце да турнит страшилиштето. Коа ќе се налутел, брате мило, Наце, од маката што ја имал и од тежината што ја имал, тики му идело со нокти да го удаи, ако можи, да после што сака нека му праит. Ах, што пусто не можел да мрдни, ни со рака, ни со нога, да ќе му се бидеше. „Што се чинит ал - си велел сам со себе - како се погодив во овој пусти ан, пуст, кај што чоек не стапуа за да ме види и да ме откини од овој страшен чоек.“ На тоа размислуање ватил и да плачи, ама не со глас, чунки му беше ватена устата од страшнио чоек, као со клешти стегната, та не можеше нити рилките да ’и мрдни, а не друго. На тоа згора зер веќе му втасало на страшнио чоек, или му се нажалило, тики ватил да му се поистаат од него пополека, како што го наклапушуал, така и полека лека се истаил, и Наце куртулисал. Станал со полојна душа и си излегол од таа пуста одаја и уште еднаш не беше му текнало да појди во ано, чунки на кого што му кажал Наце за алот што беше го нашол, секој беше му се учудил како да останит жив од сеништето што беше го наклапушило во одајата од пустио ан. Чунки тој ан од тоа сениште беше се запустил, и ден денеска пуст е останат - велит Наце. Записи на Марко Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан