Oбичаи и верувања
- Народен живот Народни обичаи од село Бапчор Од поинтересните обичаи во Бапчор ќе ги наведеме следниве: Попретки. Тоа, всушност, биле седенки на момите и средновечните жени, кои по завршува
8 октомври 2020
Народен живот
Народни обичаи од село Бапчор
Од поинтересните обичаи во Бапчор ќе ги наведеме следниве:
Попретки. Тоа, всушност, биле седенки на момите и средновечните жени, кои по завршувањето на полските работи наесен, најчесто се собирале навечер во некоја куќа во селото, каде што останувале до разденување. На тие седенки жените работеле (плетеле, шиеле, пределе, везеле), а младите се разонодувале со работа. Најчесто самите се честеле со варена пченица, компири, се кажувале разни досетки, шеги, а меѓу нив имало и многу истакнати шегаџики, како што биле Периклица Богданова, Василица Стојчева и др. Овие седенки се сметале за најинтересните доживувања на жените од Бапчор.
Вајдудуле. При суша, кога долго немало дожд, бил познат обичајот „Вајдудуле“. Вајдудулето претставувало едно сираче облечено со лисја, и одело од куќа во куќа по целото село. Селаните го дарувале сирачето и го прскале со вода со надеж дека ќе заврне.
Обичаи при жнеење. Од трудовите обичаи во Бапчор поинтересен бил обичајот во врска со жнеењето. Имено, жнеењето можело да почне во понеделник, среда, или петок, никако во друг ден. Кога завршувале со жнеењето во последната нива, каде што жнееле, оставале една рака од неожнеаната нива како и една китка цвеќе и црвено конче. Сите српови на аргатите ги врзувале и го носеле дома.
Народна математика. Како мерни единици населението од Бапчор ги користело: за должина - лак (пет педи), прст, стапало, ендезе, а подоцна почнале да го употребуваат и метрото. Житото го мереле со единица за зафатнина и тоа една канта правела кутал, две канти правеле шиник, четири канти биле осмак, шест канти правеле три шиници итн. При мерењето на тежината употребувале кантари изгравирани со оки, а подоцна и со килограми.
Времето го мереле со часовници што се употребувале уште во минатиот век. Поголемите временски единици се изразувале во денови, седмици и години. Годинта ја делеле на два дела: од Ѓурѓовден до Митровден (лето) и обратно за зима. Така на прмер, кога ќе се земале работници (момоци), вработувањето го започнувале од Митровден и работеле до Ѓурѓовден, или обратно. На момокот му следувало јадење, спиење по каливите, а нешто повеќе ќе добиел при обичаите и празниците, како на пр. поголемо парче сирење или поголемо парче месо или некое парче басма, мерени на начин и со мерна единица што ја применувале во тие дамнешни времиња.
Народна астрономија и метереологија. Претставата за вселената, односно распоредот на сонцето, месечината ѕвездите и другите вселенски тела спрема земјата, била во согласност со христијанското учење. Мените на небесниот свод, на пример помрачувањето на сонцето и месечината, погодувањето на ѕвездите и слично, го сметале за Господова работа и го поврзувале со разни суеверија.
И мените во атмосферата, односно некои метереолошки појави, исто така, ги поврзувале со расположението на Господ и светците околу него. Вековното искуство им овозможило времето да го прогнозираат за покус или за подолг временски период.
Во Бапчор како метереолог бил познат Кочо Огненов, кој имал способност да го прогнозира времето според сонцето и другите знаци на времето. Овој бапчорец, „професор“ како што го нарекувале бапчорци, уште додека бил жив знаел какво ќе биди времето по една или две недели. Кочо Огненов доживеал длабока старост, а неговите погребни останки во погребната поворка ги носеле дванаесетмина највидни мажи од Бапчор, оддавајќи му на тој начин последна почит.
На пример, лошото време се очекувало кога месечевиот срп бил тенок и светол и свртен кон запад, а убаво време очекувале, ако наутро забележеле ведро небо или ако имало роса на растенијата. Исто така, ако месечината имала круг околу неа, врмето ќе се расипело, а ако била чиста, очекувале разведрување.
Времето бапчорци го прогнозирале и според поведението на некои од животните. На пр. ако мачката се чистела и била свртена кон југ ќе дувало јужен ветер, а обратно - северен. Постоело верување, какво ќе биде времето на втори февруари („Папандија“ - празник на црквата) такво ќе бидело и целата година.
Во случај на тополите да им паднеле лисјата прво од врвот и надолу, се верувало дека зимата рано ќе почнела.
Бапчорци верувале дека март бил месец во кој времето се менувало деветпати во текот на денот.
Народна медицина. Иако верувале дека болестите се дојдени од Бога и дека од „пишаното“ нема бегање, сепак, населението настојувало да ја спречи болеста, а ако се појавела - и да ја излекува. Така бапчорката Ѓурѓа Грзоска собирала разни корења, ги сушела, ги претворала во прав и со прашокот лечела лица кои боледувале од болки во стомакот, главата и сл.
Бабите Каралица и Василица Ендриова мошне успешно местеле шинати раце, нозе и слично.
Еве едно кажување за вампирот, раскажано од Стасе Кочов.
Во Грозовската Плоча во еден цер дванаесет години се криел некој вампир. Во тие дванаесет години тој кога најдуваше некој човек да спие го оплтавал, демек му ја испивал душата. Отишле една жена и еден маж за работа во Кономлади. Се вратиле за Бапчор ама и стемнило на пато и си веле: сега шо прајме? Му е стра од вампиро да баре, оти ќе ги оплти. Знаат дека имал оплтено многу луѓе за овие дванаесет години. Нема шо. Ќе си легниме тука каде Гроздовската Плоча. Жената си легнала со главата така, а мажот со главата вака. Си ги завиле нозете, демек човек со две глави. Вампиро барал унака, увака низ местото и го натрапал човекот со две глави. Си вели: Ех, јас дванаесет години низ Гроздовската плоча во церо спија такво нешто немам видено. Сега во дванаесет години, ка ми се случи воа нешчо. Да ја гибна ваја глава да не скочи таја. Се уплаши вампиро и си отиде. И си дојдое мажот и жената од церот во селото Бапчор здрави и живи. Луѓето почнале да ги опитве. Ка поминате од вампиро, тој не остава човек неополтен. Жената и мажот му веле: Ни дојде и не најде вампиро, ама ние се завиме како човек со две глави. Дојде вампиро правеше проба. Да ја гибна ваја глава ќе скочи таа ќе ме удави. Да ја гибна таа ќе скочи ваа ќе ме удави. Јас вија дванаесет години во церо, во Грозовската Плоча спија и не го имам видено воо нешчо. Сега воа ми се случува и ми е стра. И така се уплаши вампиро и избега и куртилиме нија..
Од книгата „Бапчор“ од Ѓорѓи Доневски, Скопје, 1996.
Ѓорѓи Доневски е роден во 1934 годфина во селото Бапчор, Егејска Македонија. Син е на Доста и Митре Доневи. Во 1948 година во разгорот на Граѓанската војна во Грција заедно со многу други деца пребегна во СФРЈ. Детството го минал во детските домови во Црквеница и Самобор кај Загреб во Хрватска. Беше мошне активен младинец, а близу четири децении е на разни раководни функции во општествено-политичкиот живот во Република Македонија. Повеќепати бил одликуван и наградуван.
На негова иницијатива беа формирани: Ансамблот за народни песни и ора „Гоце Делчев“ од Скопје, пејачките групи: „Бапчорки“, „Воденки“ и „Сирма“, организатор беше на културно-историската манифестација „Песна за Гоце“, која прерасна во меѓународна манифестација. Особен придонес има во организирањето на Светската средба на некогашните деца бегалци, одржана во 1988 година во Скопје. (Подготви Марко Китевски)