• петок, 22 ноември 2024

Kоцевски: Дрворедот пред поранешниот Офицерски дом во Велес е исечен со одлука на стручна комисија

Kоцевски: Дрворедот пред поранешниот Офицерски дом во Велес е исечен со одлука на стручна комисија
Велес, 30 октомври 2020 (МИА) - Во врска со реакциите на граѓаните за сеча на дрворедот пред поранешниот Офицерски дом и на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Велес, велешкиот градоначалник Аце Коцевски појасни дека во Општината има стручна Комисија која врши проценка на состојбата на дрвјата кои се засадени на јавните површини, односно дрвореди. - Надлежната Комисија која е составена од стручни лица констатирала дека тие дрвја се деградирани и дека претставуваат опасност за минувачите. Заради тоа е донесена одлука да бидат отстранети и на нивно место да можат да се насадат нови повеќегодишни садници, информира Коцевски. Воедно тој појасни дека тендерот за набавка на садници е завршен, а за жал целото општинско одделение за заштита на животната средина поради Ковид до вчера било отсустно од работа, а две службенички се во болница, а еден службеник се вратил на работа. - Дополнително ќе одлучиме и за есенската акција за пошумување и за набавката на засаден материјал кој треба да го употребиме за засадување на други локации во градот и на овие дрвја кои треба да се пресечат, појасни Коцевски. Во писмената реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека вчера граѓаните на Велес биле  сведоци на опустошување и уништување на градското зеленило пред поранешниот Офицерски дом. - Без никаква најава или објаснување беше исечен цел дрворед долж тротоарот, а имаме информации дека планирано е да се исечат уште стебла кои го красат и хранат со кислордот воздухот во градот. Овие дрва се само дел од уништеното зеленило во Велес во изминатиов период. Претходно на ист начин беа исечени дрвја во Градскиот парки и на велешкото езеро „Младост“ а пред хотелот „Глориус“, посочија од ОК на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија додаваат дека ја разбираат потребата од обновување на зеленилото и отстранување на деградираните дрва поради безбедноста на граѓаните, но и прашуваат каде до сега е посадено ново дрво во градот или општината под раководстство на градоначалникот Коцевски. - Во моментов Велес се соочува со зголемено ниво на ПМ 10 честички во воздухот кои се над максималното дозволено ниво како и зголемено присуство на јаглероден моноксид. Наместо општината да се зафати со масовно пошумување во градот и околината и да бара решение за загадувањето тие ги сечат и онака малкуте дрва низ градот, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес. Oд ОК на ВМРО-ДПМНЕ ги прашуваат велешките пратеници  од коалицијата на СДСМ зошто не реагираат за уништување на градското зеленило и зошто нивната пратеничка група не го поддржала предлог амандманот за пошумување на Велес со 10 милиони денари предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. ад/оџ/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан