• петок, 22 ноември 2024

Jанкуловски: Средствата од Унгарија ги очекуваат општините за проекти за развој, стопанството треба да биде носител на забрзаната економска активност

Jанкуловски: Средствата од Унгарија ги очекуваат општините за проекти за развој, стопанството треба да биде носител на забрзаната економска активност

Скопје, 18 септември 2024

– По донесувањето на Законот за заем од унгарската Експорт-импорт банка, на почетокот на октомври ќе следува потпишувањето на Договорот за заем, по што се очекува средствата да бидат уплатени на земјата во една транша. Општините веќе ги чекаат овие средства за проекти за развој, додека стопанството ќе биде главен двигател на забрзаната економска активност.

 

Ова го изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, во гостување на ТВ 24, каде што истакна дека, покрај реализацијата на овој билатерален договор, со кој се унапредува економската соработка со Унгарија, земјата продолжува да соработува со останатите меѓународни кредитори.

 

„Соработката ќе продолжи и со Светската банка, со која имавме комуникација во однос на постојните проекти што се во застој, како и во однос на идната соработка за финансирање. Соработката со другите меѓународни кредитори нема да застане со овој заем од Унгарија“, изјави заменик-министерот.

 

Тој додаде дека приоритет е средствата да пристигнат што побрзо и да обезбедат поддршка за општините и стопанството.

 

„Општините веќе имаат поднесено проекти. Важно е овие средства што ќе бидат вложени во општините да создадат додадена вредност и да ги подобрат условите за живот. Има голем интерес од страна на општините – сите поднесоа проекти, вкупно 357, кои се евалуираат и очекуваме дека тие ќе придонесат кон реализација на капиталните инвестиции до крајот на годината“, истакна Јанкуловски.

 

Во однос на средствата кои ќе бидат насочени кон стопанството, тој посочи дека тие ќе бидат наменети за домашните компании, пред сè за производствените, со цел овие инвестиции да поттикнат раст на БДП, а со тоа да се намали и буџетскиот дефицит и јавниот долг.

 

Јанкуловски додаде дека остануваат уште неколку детали  да се дефинираат во однос на критериумите.

 

„Средствата ќе бидат доделени на компаниите со истата каматна стапка со која е обезбеден кредитот од унгарската банка, 3,25%. Целта е што поголем број компании да ги искористат овие средства, што ќе резултира и со отворање на нови работни места“, изјави заменик-министерот за финансии.


 

 


Со почит, 

Одделение за односи со јавност

Министерство за финансии

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Министерство за финансии

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан