• петок, 22 ноември 2024

МекКалум: Руската ГРУ предизвикува хаос во Британија и Европа

МекКалум: Руската ГРУ предизвикува хаос во Британија и Европа

Москва, 8 октомври 2024 (МИА) - Руската воена разузнавачка служба (ГРУ) се обидува да предизвика хаос низ Велика Британија и Европа, изјави шефот на британската разузнавачка служба МИ5, Кен МекКалум, додавајќи дека зголемената закана од Ал Каеда и Исламска држава е негова најголема грижа кога станува збор за тероризмот.

МекКалум во својот годишен говор рече дека минатата година бројот на истраги за потенцијални закани за земјата се зголемил за 48 отсто бидејќи Русија и Иран се свртеле кон криминалците, шверцерите на дрога и посредниците за да ја извршат својата „валкана работа“.

„Ќе ви биде јасно дека МИ5 има пеколна работа пред себе“, рече тој.

Изнесувајќи ги заканите за Британија, МекКалум додаде дека од март 2017 година, МИ5 и британската полиција спречиле 43 заговори, од кои некои биле во последните денови како планирање масовни убиства.

МекКалум рече дека е најзагрижен поради зголемената закана на Ал Каеда, која се обидува да го искористи конфликтот на Блискиот Исток, а особено Исламската држава, „која продолжи да шири тероризам“, наведувајќи го нападот на концертот во Москва.

Сепак, поголемиот дел од говорот на МекКалум беше за заканите што Русија и Иран и ги претставуваат на Велика Британија.

И покрај протерувањето на повеќе од 750 руски дипломати од Европа откако Русија ја нападна Украина и протерувањето на последниот руски воен разузнавач од Велика Британија претходно оваа година, МекКалум рече дека „паѓа во очи“ тоа што руските државни актери се свртуваат кон посредници за да ја завршат својата работа. 

„ГРУ особено е во постојана мисија да создаде хаос на британските и европските улици: видовме подметнување пожар, саботажа и многу повеќе. Опасните дејства се изведуваат со зголемена непромисленост“, рече тој, но не даде дополнителни детали.

Тој додаде дека од јануари 2022 година, неговата служба и полицијата одговориле на 20 заговори спонзорирани од Иран кои претставуваат потенцијална смртоносна закана за британските граѓани и жители.

„Видовме заговор по заговор овде во Обединетото Кралство, во невидени размери и со невидена брзина“, рече тој. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан