• петок, 22 ноември 2024

Aлбанија членка на Советот за човекови права на ОН

Aлбанија членка на Советот за човекови права на ОН

Тирана, 11 октомври 2023 (МИА) - Албанија е избрана за членка на Советот за човекови права на ОН за периодот 2024-2026 година.

По гласањето, со 123 гласа „за“ во Генералното собрание на ОН, Албанија по вторпат станува членка на овој Совет.

Веста ја соопшти премиерот Еди Рама, наведувајќи дека Албанија презела уште една меѓународна улога.

- Албанија презема уште една меѓународна улога. Албанија е член на Советот за човекови права на ОН. Вчера, 123 земји-членки на Генералното собрание на ОН гласаа „за“ Албанија, како една од 15-те земји што ќе седнат во Советот за човекови права на ОН од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2026 година, напиша Рама на Фејсбук.

Преку објава на социјалната мрежа Х реагираше и министерот за Европа и надворешни работи Игли Хасани, која ја оквалификува како големо достигнување на албанската политика и надворешната дипломатија.

- Уште една демонстрација на доверба од земјите-членки на ОН за улогата на Албанија во меѓународните прашања. Овојпат целосно посветена на заштитата и унапредувањето на човековите права секаде и за секого. Главната цел на Албанија, како членка на Советот за човекови права, ќе биде да работи во рамките на Советот и системот на Обединетите нации за да гарантира универзално почитување на човековите права и основните слободи за сите поединци без да дискриминира никого, напиша Хасани.

Тој додаде дека земјата тесно ќе соработува со другите земји-членки на ОН, претставници на граѓанското општество и сите партнери за спроведување на овие обврски.

Советот, кој е задолжен за одговорност за заштита и унапредување на човековите права на глобално ниво, се состои од 47 земји-членки избрани со тајно гласање со мнозинство од членовите на Генералното собрание. вт/паг/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан