• недела, 22 декември 2024

Џафери-Троказ: Да се заокружат неопходните чекори за продолжување на европската агенда

Џафери-Троказ: Да се заокружат неопходните чекори за продолжување на европската агенда

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Важноста од продолжување на европскиот пат на Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата Влада, како и заокружувањето на неопходните чекори за продолжување на европската агенда, било во фокусот на разговорите меѓу техничкиот премиер Талат Џафери со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.

Како што соопшти владината прес-служба, Џафери и Троказ се сретнале на маргините на лидерскиот состанок за Планот за раст кој се одржува во Котор, Црна Гора.

На средбата се разговарало за важноста од продолжување на европскиот пат на Северна Македонија во пресрет на формирањето нова Влада.

Троказ ја истакнал натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ, и повикал на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички чинители.  

Џафери, пак, изразил надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда.

Во таа насока, стои во владиното соопштение, ја споделил загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на Меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија.

Нагласил дека, за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата Влада, туку исполнувањето на европската агенда. нд/са/

Фото: Влада

 

Остани поврзан