• вторник, 19 ноември 2024

Ќе се реконструираат двете трибини на штипскиот Градски стадион

Ќе се реконструираат двете трибини на штипскиот Градски стадион
Штип, 18 јуни 2020 (МИА) - Двете трибини на штипскиот Градски стадион ќе се реконструираат. Ова е одлучено на состанокот на кој присуствувале претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, потпретседателот Лазар Ракиџиев, членот на У.О. од ОФС Штип, Димитар Џонов и  градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Штипскиот градоначалник Бочварски заедно со сопственикот на Фудбалскиот клуб „Брегалница", Кирил Гогов потенцирале за потребата од изградба на нова инфраструктура на Градскиот стадион.
-Проектот за новиот стадион го изработи Општина Штип, веќе е доставен во ФФМ, а федерацијата ќе ја разгледа целата техничка документација, ќе даде свои сугестии, а потоа нашата општина ќе издаде одобрение за градба. Исклучително сум задоволен затоа што добив позитивен одговор од страна на претседателот на ФФМ и подготвеност тие да ја финансираат изградбата на едната трибина, истакна Бочварски.
Според него, ова се навистина важни чекори кои ги преземаат за сериозен раст и развој на спортот во Штип, како еден модерен фудбалски град кој како што рече, ќе биде пример за успешна спортска приказна во државата и надвор од неа.
Додаде дека по завршувањето на изградбата, општината ќе ја почне изградба на втората трибина на новиот фудбалски храм на штипјани. Во наредниот период како општината ќе ги преземе сите обврски за отстранување на постоечката трибина од Градскиот стадион.
Сејдини истакна дека Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА ќе ја гради главната трибина на стадионот и заедно со општината ќе биде дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион со категоризација за натпревари и од највисок ранг.
- Со претходниот проект од „хет-трик“ програмата, ние веќе целосно го реконструиравме теренот со поставување на модерен дренажен систем и осветлување, но ова е многу поголем и позначаен проект. Допрва следува најважниот дел, но се надевам дека ќе направиме голема работа и дека и во иднина ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата. Во следниот период, Фудбалската федерација на Македонија и детално ќе ги претстави сите проекти кои ќе ги реализираме во таа насока, рече Сејдини.вдј/бт/ 

Остани поврзан