• понеделник, 01 јули 2024

Ќе се гради колектор за отпадни води во село Орман, општина Ѓорче Петров

Ќе се гради колектор за отпадни води во село Орман, општина Ѓорче Петров
Скопје, 23 август 2022 (МИА) - Општина Ѓорче Петров денеска беше домаќин на јавната презентација на проектот „Пилот интервенции за третман на отпадни води и управување со цврст отпад во прекуграничниот регион“. Преку овој проект, село Орман добива колектор и станица за третман на отпадни води што ќе стартува со реализација во ноември, а се очекува да биде готов во август 2023 година. Како што информира општина Ѓорче Петров, ова е најзначајна инфраструктурна инвестиција во овој дел на општината. Се работи за прекуграничен проект во соработка со партнерската општина Ново Брдо од Косово, локална самоуправа во која преку проектот ќе се воведе нова услуга за организирано собирање и управување со цврст отпад со набавка на нова опрема. -Општина Ѓорче Петров особено внимание насочува кон сочувување на животната средина, преку конкретни активности за управување со отпадните води. Ова е уште еден доказ дека се движиме во вистински правец кога станува збор за прашања од интерес на граѓаните. Остануваме фокусирани на справување со сите идентификувани ризици по животната средина и здравјето на луѓето, рече градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. На презентацијата се обратија и заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, заменик-градоначалникот на Ново Брдо Светислав Ивановиќ, Самире Јаха, координатор на Програмата за прекугранична соработка во Министерството за локална самоуправа и администрација на Косово и Амаја Оливарес Запианин, програмски менаџер на ЦБЦ-Канцеларија на ЕУ. Тие, како што се наведува, едногласно го поздравија проектот во двете општини и нагласија дека сите страни и во иднина преку вакви активности активно ќе работат на подобрување на состојбите во екологијата. Проектот е финансиран од Програмата за прекугранична соработка ИПА 2 2017 и 2018 на Европската унија, преку Европската Комисија. Вкупниот износ на проектот е 466.590 евра од кои со 85 проценти учествува ЕУ, а 15 отсто се средства кофинансирани од Министерството за локална самоуправа и буџетот на општина Ново Брдо. мд/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан