• сабота, 23 ноември 2024

Њујорк станува најголемото жариште на коронавирусот

Њујорк станува најголемото жариште на коронавирусот
Њујорк, 24 март 2020 (МИА) - Њујорк е новиот епицентар на зараза од коронавирусот, бидејќи таму се регистрирани една третина од позитивните во Соединетите Американски Држави, а вирусот се шири за петпати побрзо отколку во другите делови на земјата. - Еден од илјада жители на Њујорк веќе е заразен, изјави координаторката на Работната група за борба против коронавирусот Дебора Брикс. Густината на населението е еден од најголемите проблеми во градот, пренесуваат американските медиуми, наведувајќи дека во Њујорк сега има поголем процент на заразени отколку во Италија. Причините за тоа, како што посочуваат, се метежот во сообраќајот, преполните јавни паркови и пренаселените згради. Гувернерот на државата Њујорк, Ендру Куомо им нареди на болниците веднаш да ги зголемат капацитетите за прием на заразени за 50 проценти. Само во текот на вчерашниот ден се пријавени 5.000 нови случаи, со што бројот на заразени се зголеми на 21.689 во поширокото подрачје на градот, додека само во градот има 13.119 заразени лица. Од Ковид-19 во Њујорк до синоќа починаа 125 луѓе. Американскиот претседател Доналд Трамп нареди испраќање голем контингент заштитна опрема (маски, ракавици, средства за дезинфекција) и најави дека научните лаборатории во Њујорк ќе работат забрзано за наоѓање решенија. Градоначалникот Бил де Блазио на 15 март ги затвори училиштата во Њујорк, по голем број притисоци, а сега изјави дека не треба да се очекува да почнат со работа пред 20 април. Организирана е онлајн настава. Засега нема ограничување на движењето на жителите на територијата на градот, но на сите им се советува да останат дома. паг/

Остани поврзан