• понеделник, 23 декември 2024

Јурова: Земјите од Западен Балкан заслужуваат сериозно да бидат сфатени од ЕУ

Јурова: Земјите од Западен Балкан заслужуваат сериозно да бидат сфатени од ЕУ

Прага, 4 април 2024 (МИА) - Заменик-претседателката на Европската комисија, комесарката за вредности и транспарентност, Вера Јурова, денеска во Прага изјави дека земјите од Западен Балкан заслужуваат Европската унија сериозно да ги сфати нивните амбиции да станат членки и затоа очекува да се забрза постепената интеграција.

„Проширувањето не е процес без ризик. Очигледно е дека со понудата да ги примиме Украина, Молдавија и Грузија, влегуваме во зоната што рускиот претседател Владимир Путин ја нарекува своја зона на влијание. Ова е нешто што не смее да не спречи. И овие три земји и земјите од Западен Балкан заслужуваат сериозно нивните напори да ги сфатиме сериозно“, рече Јурова на меѓународната конференција за време на нејзината посета на Прага.

Таа нагласи дека и тие земји мора сериозно да пристапат кон принципите на Унијата, како што се демократијата или владеењето на правото.

Јурова очекува проширувањето повеќе да оди по патот на постепена интеграција, која би започнала со заеднички пазар, соработка во транспортната инфраструктура, во технологии и отворање можности за студентите од земјите кандидати за студирање во ЕУ.

Таа рече дека проширувањето не само што ќе има финансиски последици за ЕУ, туку и ќе го отвори прашањето за системот на управување.

„Ветото е важна гаранција за средните и помалите земји, но зад него треба да стои аргумент од јасен национален интерес. Ветото не смее да стане алатка за уцена на остатокот од Европа“, рече Јурова.

На меѓународната конференција во Прага, поранешниот словенечки претседател Борут Пахор рече дека ЕУ мора што поскоро да се прошири со земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, евентуално и Грузија. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан