• сабота, 21 декември 2024

Јулија Навалнаја: ЕУ треба да дефинира стратегија кон Русија

Јулија Навалнаја: ЕУ треба да дефинира стратегија кон Русија

Блед, 2 септември 2024 (МИА) – Активистката Јулија Навалнаја, вдовица на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, денеска на Стратешкиот форум во Блед изјави дека Европската унија нема дефинирана стратегија кон Русија и претстави елементи кои би можеле да бидат дел од неа.

Откако словенечкиот премиер Роберт Голоб ѝ ја врачи наградата Истакнат партнер на Бледскиот стратешки форум за 2024 година, Навалнаја рече дека стратегија на ЕУ кон Русија „во моментов не постои“ и додаде дека тоа е „голем проблем“.

Навалнаја, претседателка на Советодавниот одбор на Фондацијата за борба против корупцијата, на доделувањето на наградата во Блед рече дека „никој не разбира целосно зошто се воведени санкции кон Русија и која е нивната крајна цел“.

- Без стратегија, невозможно е да се донесат разумни тактички одлуки. Ајде да работиме заедно на развој на стратегија и да почнеме да ја спроведуваме. Стратегијата треба да биде: Русија може и треба да стане демократска европска земја во нејзините меѓународно признати граници. Тоа нема да се случи додека на нејзино чело е (Владимир) Путин и неговиот криминален режим, изјави таа.

Навалнаја рече дека стратегијата треба да вклучува поддршка за руското граѓанско општество, независните медиуми и борците за човекови права, правење разлика меѓу Путин и Русија, поддршка на правото на Украина да се брани.

Дел од стратегијата, како што рече таа, не треба да биде поддршка за оние кои промовираат омраза кон Русите, како ни преговори со Путин кој би се сметал за легитимен демократски избран претседател на Русија.

- Кога ќе се сложиме околу тоа каква Русија сакаме да видиме после Путин, ќе ни биде полесно да носиме тактички одлуки. Тие ќе бидат поефикасни и иднината на која работиме ќе дојде побрзо, додаде Навалнаја, чиј сопруг почина на 16 февруари во казнена колонија во Сибир.

Навалнаја го обвинува Путин за убиство на нејзиниот сопруг, кој беше осуден на 19 години затвор под обвинение за екстремизам. Навални ја опиша пресудата како политички мотивирана. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан