• понеделник, 23 декември 2024

Јубилејна десетта манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Јубилејна десетта манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Тетово, 27 октомври 2022 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово и оваа година е организатор на традиционалната десетта јубилејна детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“. Манифестацијата ќе се одржи оваа сабота, 29 октомври, почнувајќи од 10 часот во  Духовно-културниот центар  „Кирил Пејчиновиќ“ во рамки на манастирскиот комплекс во Лешок.

Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет, особено кај децата и младите.  Манифестацијата ги собира учениците од основните училишта кои наставата  ја следат на српски јазик, како и деца кои имаат српско потекло, а се од други основни училишта во Македонија,

Оваа година на манифестацијата учествува и гостин од Србија, поетесата и писател за деца Виолета Јовиќ. Целта е на учесниците да им се овозможи средба со поет од Србија, а воедно и да се промовира српското творештво за деца.

-На главниот дел на програмата учествуваат учениците со свои творби кои оваа година се пишувани на тема „Роденден“. Програмата содржи и три детски пиеси на српски јазик, како дел од проектот „Школа српског језика“ (Школа за српски јазик) одобрен од страна на Фондот за бегалци и раселени лица и за соработка со Србите во регионот, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и информирање на Република Србија. ас/мд/

Остани поврзан