• вторник, 26 ноември 2024

Јовиќ: Во Загреб ќе ја бркаме првата победа во Лигата на шампионите

Јовиќ: Во Загреб ќе ја бркаме првата победа во Лигата на шампионите

Загреб, 17 октомври 2023 (МИА) – Тренер на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ очекува неговите избраници на дуелот со Загреб да ги освојат првите бодови во Лигата на шампионите.

- Во седум дена нè очекуваат три тешки натпревари, од кои два во Лигата на шампионите. Првиот е против Загреб в четврток. Тие се во нагорна линија, го совладаа Колштад и ремизираа со Алборг. И ние против Кил и ПСЖ покажавме дека напредуваме. Ќе се обидеме да ги отстраниме грешките кои ги направивме и заради кои не остваривме уште подобар резултат. Тие грешки ни се случуваа заради неискуство. Немаме многу искусни ракометари кои играле во Лигата на шампионите, па со тек на време моите момци ќе добијат самодоверба и во клучните моменти ќе одговорат како што треба. Со Загреб ќе бркаме прва победа во Лигата на шампионите, па ни следат Вардар и Киелце, па сигурен сум дека во сите три натпревари ќе дадеме максимум, изјави Јовиќ.

Десното крило Ненад Костески има дополнителен мотив за добар настап, со оглед на тоа што во минатото го носеше дресот на хрватскиот тим.

- Бев дел од Загреб, имам убави спомени и тоа ми беше голем чекор напред во кариерата. Доста млад потпишав за голем клуб кој секоја година игра во Лигата на шампионите. Тие се организиран клуб, од кој може да се научи и да се напредува. Од таму носам само убави спомени. Загреб, противник со кој мора да играме максимално, затоа што беа перфектни на последните два домашни натпревари. Ги анализираме, нема да биде лесно, мора да бидеме на 100% и дај Боже да се израдуваме на првите бодови, истакна Костески.

Натпреварот Загреб – Еурофарм Пелистер ќе се игра на 19 октомври во хрватската престолнина со почеток во 18:45 часот. зс/

Остани поврзан