• недела, 21 јули 2024

Јованчев: Помош за овоштарите мора да има

Јованчев: Помош за овоштарите мора да има
Скопје, 16 април 2021 (МИА) - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев денеска во Собранието истакна дека нивната пратеничка група бараат да се преземаат итни чекори за конкретна и директна помош на овоштарите со финансиска поддршка и дополнителни мерки. - Прво што е потребно да се стори е донесување одлука за покривање на производните трошоци по килограм за секој земјоделски производител. Од страна на стручни лица потребно е да се пресмета просечната производна цена по килограм за секоја сорта на овошје. Врз основа на пресметаниот просечен род, во изминатите три години, за секој земјоделски производител потребно е да се предвидат финансиски средства по основ на обештетување и покривање на производните трошоци, изјави тој. Според него втората мерка е ослободување на овоштарите од обврската за плаќање на водниот надоместок за наводнување на земјоделското земјиште на кое се наоѓаат овошните насади. Третата мерка е осолободување на земјоделските производители, од обврската за плаќање на закупнината, за користење на државното земјоделско земјиште под закуп, и итно решавање на земјиштето за кое земјоделците немаат добиено договор за концесија со што не им следува право на користење на субвенциите. -Државата овие финансиски средства може и мора да ги обезбеди, од посебните фондови наменети за обештетување на земјоделските производители, од штети предизвикани од вонредни и неповолни временски прилики, рече Јованчев. Тој рече дека помош за овоштарите мора да има и Владата мора уште веднаш да пристапи кон решавање на проблемите на овоштарите, бидејќи доколку не им се помогне во овој момент во прашање е доведена егзистенцијата на стотици семејства кои единствен приход кои го остваруваат им е од производството на овошје. - Заради екстремно ниските температури кои ја зафатија Република Македонија, изминатата недела настана измрзнување на над 3000 хектари овошни насади низ државата. Најпогодени се овоштарите од Росоманскиот регион каде се одгледуваат околу 2000 хектари на овошни насади. Кај безмалку сите плантажи на овошки во регионот на Тиквешијата констатирано е 100 процентно оштетување на цветот. Тоа значи дека оваа година нема да има ниту минимално производство на овошје во овој регион. Власта и најповиканите државни институции, како по обичај, катастрофалната состојба ја премолчуваат. Доколку за неа не се зборува не значи дека неа и ја нема. Најповиканите и најодговорни лица наместо да излезат на терен и заедно со овоштарите направат увид во состојбата, една недела не превземаат ништо. Во услови на распространета здравствена криза и последиците од неа врз стопанството и економијата, кои ги засегаат и земјоделците, недостасуваше да се случи и оваа штета, која веројатно има и посериозни оштетувања на самите овошни стебла, изјави Јованчев. фф/ац/

Остани поврзан