• петок, 22 ноември 2024

Јапонка 17 години си ја пушта косата, стигнала до должина од 213 сантиметри

Јапонка 17 години си ја пушта косата, стигнала до должина од 213 сантиметри
Токио, 22 јуни 2022 (МИА) - Јапонката Рин Камбе веќе 17 години ја пушта својата коса и сега таа е толку долга што на жената ѝ требаат два часа за да ја исуши по капење. Нејзината коса, според наводите денес е долга 213 сантиметри, а жената која е на почетокот од петтото десетлетие од својот живот, и не планира да ја скрати. Таа вели дека често мора да ја врзе косата во пунџа за да ја крене од подот, бидејќи ѝ е многу тешко да ги извршува секојдневните обврски со пуштената коса. За миење на косата ѝ треба повеќе од еден час, за сушење - двојно повеќе, а иако успева да ја врзе во пунџа за само десет минути, често мора да ја менува положбата на пунџата во текот на денот, бидејќи косата ѝ е толку тешка што жената често има и главоболка. - Ако ја пуштам косата, имам проблеми речиси со сѐ што правам, па лесно и се сопнам. Не можам ни во тоалет да одам, а камоли да се пресоблечам или да седнам да јадам, вели Рин. Таа додава и дека косата ја мие двапати неделно. - Тоа е цел еден третман, и после миењето, ја сушам косата... Ми треба еден час да ја измијам, па правам третман и масажа, па два часа таа се суши, па следи негата и чешлањето. Давам сѐ од себе да не ја оштетам косата додека ја мијам... Чувствувам дека мојата коса е мојот скапоцен партнер во животот. Таа продолжува да расте секој ден!, вели Јапонката. Првото прашање на луѓето е - дали нејзината коса е вистинска? - Кога ќе се увератат дека е  - тоа е најголемиот шок и воодушевување!, вели таа. Претходно, на почетокот на ова илјадалетие, Рин работела како танчерка, со куса, „боб-фризура“. Тогаш решила да ја пушти косата бидејќи кусата не ѝ изгледала доволно оригинално и впечатливо. Интересно е и тоа што со својата фризура сака да испрати една важна порака - да ја истакне јапонската култура, и да ја направи што попрепознатлива, бидејќи традиционално, долгата коса е симбол на јапонските принцези.  си/сд/

Остани поврзан