Јапонија одбележува 76 - годишнина од нападот врз Хирошима
- Јапонија денеска одбележува годишнина од атомскиот напад врз Хирошима на 6 август 1945 година, додека годинашната комеморација е засенета со одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК)
Токио, 6 август 2021 (МИА) - Јапонија денеска одбележува годишнина од атомскиот напад врз Хирошима на 6 август 1945 година, додека годинашната комеморација е засенета со одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) оваа година да не повика на минута молчење за жртвите.
Преживеаните, роднини и само мал број странски лидери присуствуваа на утринската церемонија во Хирошима, западна Јапонија, за да им оддадат почит на жртвите и да повикаат на мир во светот.
За време на пандемијата на коронавирус, јавноста е исклучена од церемонијата, како и во 2020 година, но може да ја следи на Интернет.
Учесниците, со маски на лицата и во црни костуми, во 8.15 часот (четврток 01.15 часот по средноевропско време), кога американска атомска бомба падна врз градот пред 76 години, одржаа минута молчење во чест на жртвите.
Преживеаните и градската власт во Хирошима неодамна му предложија на МОК да ги покани спортистите да се придружат во Токио за да им оддадат почит на жртвите.
Но, претседателот на МОК, Томас Бах не го прифати предлогот, истакнувајќи дека церемонијата на затворање на Олимписките игри во недела ќе биде можност да им се оддаде почит на сите жртви на трагичните настани во светската историја.
Во бомбардирањето на Хирошима загинаа 140.000 луѓе од август до декември 1945 година, а во бомбардирањето на Нагасаки на 9 август истата година загинаа 74.000 луѓе. Јапонија капитулира на 15 август 1945 година, со што заврши Втората светска војна. паг/