• понеделник, 23 декември 2024

Јанша разговараше со Додик: Иднината е во целосниот суверенитет на БиХ и членството во ЕУ

Јанша разговараше со Додик: Иднината е во целосниот суверенитет на БиХ и членството во ЕУ
Љубљана, 8 ноември 2021 (МИА) - Словенечкиот премиер Јанез Јанша во неделата во Љубљана разговараше со српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина за ситуацијата во таа земја Милорад Додик, откако високиот претставник за БиХ предупреди дека тој го загрозува мирот во БиХ и во регионот. „Територијалниот интегритет и почитувањето на постојниот уставен поредок со уважување на еднакви критериуми за сите се основа за соживот на сите народи во БиХ и решавање на актуелните дилеми“, напиша словенечкиот премиер на Твитер. Јанша, чија земја претседава со Советот на Европската унија овој семестар, го поддржа европскиот пат на Босна и Херцеговина. „Иднината е во целосниот суверенитет на БиХ и членството во Европската унија“, наведе словенечкиот премиер. Словенечките медиуми потсетуваат дека средбата на Јанша со Додик се случила неколку дена откако високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит минатата недела поднесе извештај до Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во БиХ. Шмит, кој ја презеде функцијата на почетокот на август, во извештајот предупредува дека БиХ се соочува со најголемата закана за нејзиниот опстанок од крајот на војната во земјата во 1995 година. Во извештајот, тој посочи дека активностите на властите на ентитетот на Република Српска се опасност за мирот и стабилноста не само во БиХ, туку и во регионот, и дека ако меѓународната заедница не реагира да ги спречи српските сепаратисти, тоа ќе ги загрози или ќе го „поништи“ договорот врз основа на кој заврши три и полгодишната војна во БиХ. паг/  

Остани поврзан