• понеделник, 23 декември 2024

Јанша и Голоб во „тесна трка“ пред парламентарните избори во Словенија

Јанша и Голоб во „тесна трка“ пред парламентарните избори во Словенија

Љубљана, 11 април 2022 (МИА) - Актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша и новиот кандидат за премиер Роберт Голоб се во „тесна трка“ две недели пред парламентарните избори, покажуваат анкетите.

Според анкетата спроведена за неколку медиуми и објавена денеска од агенцијата Медијана, Движењето за слобода, формирано пред изборите од Роберт Голоб, истакнат менаџер кој долги години раководеше со голема државна енергетска компанија, ќе добие најмногу гласови (19,8 проценти). Веднаш по нив следи Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер Јанез Јанша со 18,6 отсто од гласовите. На трето место се социјалдемократите (СД) со 7,9 отсто од гласовите, потоа Левицата (Л) со 5,8 отсто, демохристијанската Нова Словенија (НСИ) со 5,5 отсто и Листата на Марјан Шарец (ЛМС) со 4,6 отсто. Останатите партии во моментов се под потребниот праг од четири проценти за влез во Парламентот. Словенечките гласачи избираат 90 пратеници во Народното собрание на парламентарните избори на 24 април, а околу 20 партии и граѓански листи се борат за влез во Парламентот.
Претседателот Борут Пахор, кому годинава му истекува вториот претседателски мандат, најави дека по изборите ќе му го додели мандатот за новата влада на лидерот на партијата кој ќе собере потписи од 46 пратеници, со што ќе го убеди дека го има потребното мнозинство во Парламентот. паг/  

Остани поврзан