• петок, 22 ноември 2024

Јанчева: Оштетен е мојот автомобил, нема да уплашат никого

Јанчева: Оштетен е мојот автомобил, нема да уплашат никого
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Претседателка на Советот на Град Скопје и претседателка на ОО СДСМ Аеродром, Љубица Јанчева информира дека синоќа на паркингот пред зградата во која живее, оштетен е нејзиниот автомобил. Таа посочи дека случајот го пријавила во полиција и очекува брзо откривање на сторителите.
- Со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром, се вратија и режимските методи. Доцна синоќа, на паркингот пред зградата во која живеам, оштетен е мојот автомобил. Случајот е пријавен во полиција и очекувам брзо откривање на сторителите на овој подмолен напад врз мене и мојот имот. Ова почитувани, е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, партија која не е поместена од режимската матрица на насилство, закани и притисоци. Нема таму никаква промена, ова се истите методи од најцрното време на режимот.
Но ова истовремено го покажува очајот, немоќта и фрустрациите на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, рече Јанчева.
Таа посочи дека „ваквото насилничко однесување нема да помине“.
- Нема да ме уплашат ниту мене, ниту кој било кој е на страната на демократските вредности, на страната на прогресивните сили. Времето на закани, насилство и притисоци врз политички неистомисленици заврши со падот на режимот и тоа време нема да се врати. Денес е време на одговорност и неселективно владеење на правото, лицата кои го сториле овој подмолен чин ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани, рече Јанчева.фф/дма/

Остани поврзан