• петок, 05 декември 2025

Јанев: Борбата против трговијата со дрога е приоритет, потребна е заедничка акција против транснационалниот криминал

Јанев: Борбата против трговијата со дрога е приоритет, потребна е заедничка акција против транснационалниот криминал

Скопје, 28 мај 2025 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска од Охрид порача дека борбата против трговијата со дрога и разбивањето на меѓународните криминални организации останува еден од највисоките приоритети на институциите за спроведување на законот.

Како што пренесуваат од Министерството за внатрешни работи, во своето обраќање на работилницата организирана во рамки на ИЦИТАП програмата на Амбасадата на САД, Јанев истакнал дека мора да се дејствува решително. 

-Разбивањето на меѓународните криминални организации, особено оние што се занимаваат со трговија со дрога е еден од нашите највисоки приоритети. Оваа штетна појава го загрозува поредокот и нормалното функционирање на системот, анимира и генерира многу нелегални активности и во администрацијата и кај обичниот граѓанин, затоа мораме да дејствуваме решително, рече тој.

На настанот присуствуваат претставници од МВР, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд Скопје, како и судии и обвинители од региони кои ги покриваат граничните премини и рутите на организираниот криминал.

Зборувајќи во контекст на насловната тема на работилницата „Разбивање на меѓународни криминални организации и мрежи на трговија со дрога“, директорот Јанев потенцирал дека со заеднички напори, со заедничко работење како агенции за спроведување на законот, со нашите меѓународни партнери одлучно и ефикасно ќе можат да се надминат препреките поврзани со транснационалниот криминал и разбивањето на мрежите на ваков тип криминалци.

-Секој обезбеден доказ против овие криминални групи е производ на нашата макотрпна, чесна и посветена работа, потрошено многу време, многу човечки и финансиски ресурси, затоа потребата од нивно објективно валоризирање од сите чинители на системот е клучно во градењето на довербата и испорачување и осигурување на безбедноста на нашите граѓани и граѓаните на САД, дополнил тој.

Покрај ова, се осврнал и на предизвиците и заканите во борбата против мрежите за трговија со наркотици, како и за американските најдобри практики коишто може да помогнат во борбата за справување со овој вид на криминал. 

Притоа, тој истакнал дека еден од суштинските фактори претставува и имплементирањето на неопходните реформи, дигитализацијата, како и следните чекори што треба да се преземат за поуспешни резултати од овие активности. ар/цр
Фото:МВР

Остани поврзан