• вторник, 05 ноември 2024

Јаневска: Родителите на децата со попреченост ќе одлучуваат каде ќе учи нивното дете

Јаневска: Родителите на децата со попреченост ќе одлучуваат каде ќе учи нивното дете

11 јули 2024 

На родителите на децата со попреченост во согласност со проценката од МКФ ќе им овозможиме да одберат во какво училиште сакаат децата да им учат. Станува збор за деца кои се инклудирани во редовните паралелки, а нивните родители реагираат до нас дека не чувствуваат корист од тоа дека нивното дете е вклучено во редовна паралелка.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во интервју за Радио МОФ, напоменувајќи дека дел од родителите се жалат дискриминацијата во редовните паралелки е поголема, отколку тие деца да се наоѓаат во средина каде што ќе имаат слични на себе деца.

-Започнуваме со консултации, најнапред со стручната фела, со психолози, педагози и специјални едукатори и рехабилитатори за да изнајдеме најдобро решение за овие деца. Она што досега сме го заклучиле е дека за децата со тешка интелектуална попреченост, а може да имаат и други видови на попречености е дека треба да постојат така наречените посебни училишта во кои децата ќе имаат поприродна средина за себе, односно со кого да комуницираат, со кого да се дружат, што де факто во редовните училишта го немаат, изјави Јаневска.

Можеби е за изненадување, рече министерката, но одреден број на здруженија на родители, бараат децата да им учат во посебни училишта, додавајќи дека тоа релативно брзо ќе се дефинира и ќе биде предмет на јавна расправа, по што сите измени ќе бидат вклопени во законите за основно, средно и средно-стручно образование.

Министерство за образование и наука

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан