• понеделник, 06 април 2026

Јавна расправа за предлог-законот за Советот на јавните обвинители во матичната собраниска Комисија

Јавна расправа за предлог-законот за Советот на јавните обвинители во матичната собраниска Комисија

Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Со оглед на тоа дека Советот на јавните обвинители, меѓу другото, одлучува за изборот и напредувањето на јавните обвинители, како и изборот на шефови на обвинителствата, а со цел да се избегне привидот во јавноста дека има преговарања, договарања и долги постапки, предвидовме куси рокови во кои Советот е должен да постапи - истакна, меѓу другото, професорската Александра Деановска-Трендафиловска, која е дел од работната група, која го креира законот, на денешата јавна расправа по предлог-законот во организација на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Целта на ова законското решение, кое Комисијата на седница на 27 март го усвои во прво читање, е зајакнување на улогата на Советот на јавните обвинители за успешно спроведување на надлежноста за гаранции за самостојноста на Јавното обвинителство, во согласност со стандардите на ЕУ. Законот го предлага Министерството за правда, а Владата на седница во февруари го утврди текстот, со кој треба да се зајакнат независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

Деановска-Трендафиловска нагласи дека овој закон паралелно е граден со законот за Јавното обвинителство и целта е со него да се зајакне улогата на Советот. 

Таа истакна дека во текот на неговото градење била дадена препорака од странските партнери за депрофесионализација, но потоа и во консултација со Венецинската комисија е утврдено дека член во Советот е неспоиво со вршење други јавни функции.  

Говореше и за критериумите и за начинот на избор на членови на Советот,осврнувајќи се на одредбата за избор од редовите на истакнати правници, нешто што беше предмет на разни мислења и во однос на законот за Судскиот совет. 

Со сгласност со предложеното законско решение, во членот 6 се уредува состав на Советот, кој е составен од 11 члена. 

- Советот е составен од 11 члена, од кои: по функција член на Советот е јавниот обвинител на Република Северна Македонија, еден член на Советот избираат јавните обвинители во Државното јавно обвинителство од своите редови, по еден член на Советот избираат јавните обвинители од подрачјата на вишите јавни обвинителства во Битола, Гостивар, Скопје и во Штип од своите редови, еден член на Советот - припадник на заедница која не е мнозинство во Република Северна Македонија, го избираат сите јавни обвинители во Република Северна Македонија, од своите редови и четворица членови на Советот ги избира Собранието на Република Северна Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на меѓународни судови и членови на други меѓународни правосудни тела и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија - стои во предложеното законско решение. 

Професорката Деановска-Трендафиловска нагласи, член на Советот може повторно да биде избран, но не последователно, односно мора да помине период од четири години.

- Тоа е со цел да немаме луѓе што ќе заседнат на оваа позиција бидејќи таквите позиции се ранливи - рече таа.

Додаде дека гласањето во Советот може да биде само „за“ или „против“, односно нема можност некој да биде воздржан.

- Никој не е избран во Советот, а да нема храброст аргументирано да го изрази својот став - рече таа.

Професорката Ана Чупеска,истакна дека преку законите треба да се врши распределување и ограничување на моќта, а според неа преку овој закон се инсталираат авторитарни тенденции во нашето општество.

- Правото не смее да биде само формална прекривка за политичко самоволие и како граѓани и како интелектуалци имаме право да ги деконструираме овие решенија - рече таа.

Таа изнесе неколку забелешки, меѓу кои дека процесот на негово градење бил неинклузивен и со дефицит на дијалог. Смета дека со него се воспоставува хиерархиска доминација, се врши политизација на, како што рече, лаичките членови, со избор со просто мнозинство, а се врши, вели, и внатрешна чистка преку спуштање на критериумите. 

Професорката Ружица Николовска, меѓу другото, се осврна на составот на Советот, одосно на четворицата членови, кои ги избира Собранието од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на меѓународни судови и членови на други меѓународни правосудни тела и други истакнати правници, нагласувајќи оти е потребно да се дефинира што значи членови на други меѓународни правосудни тела.

Во однос на критеримите по кои може да се пријави некој за член на Советот што го избира Собранието, што е регулирано во членот 34, таа рече дека во однос на критерумите „да се истакнал со научна или професионална работа за прашања од областа на правосудството“ и „да се истакнал со свое јавно дејствување во заштита на владеењето на правото, независноста на судството и човековите права“, смета дека исто така треба појасни дефиниции, со оглед на тоа што, како што рече, некои припадници на фелата се истакнуваат преку јавни настапи, учество во дебати, но дали тоа има реален импакт врз подобрување на состојбите.  

Маргарита Цаца-Николовска, поранешна судијка во судот во Стразбур, пак, истакна дека многу членови во предлог-законот се делакративни и прашање е колку навистина ќе може да се имплементираат во пракса. 

Таа, меѓу другото, се осврна на самостојноста на Советот и што таа всушност значи.

- Советот е самостоен орган, кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршувањето на нивната функција. Советот во вршењето на своите надлежности соодветно ги применува одредбите од Законот за употреба на јазиците - стои во членот 2 од предлог-законот.

- Првиот дел е мошне декларативен во однос на тоа што значи самостојност, но и покрај тоа, направен е обид малку појасно да се уреди самостојноста - рече таа и додаде дека тоа понатаму е мошне важно во однос на она што се дава како можност за судска заштита, односно постапка пред управни судови.

Таа зебележа и зошто тука е споменат само Законот за употреба на јазиците нагласувајќи дека Советот треба да има предвид многу други закони. 

Во однос на составот нагласи дека има напредок, но додаде дека повторно се провлекува прашањето истакнат правник,  при што смета дека со закон не е соодветно да се дефинира оваа категорија и сугерира да се стори нешто во оваа насока. 

Клучни измени во предлог-законот, како што посочи претходно Министерството за правда, се: детаљно уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се поведува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот; засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на државниот јавен обвинител, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.

Исто така, со законот треба да се овозможи зајакната транспарентност на работата на Советот преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на личните податоци, угледот на странките и други легитимни интереси; воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантираат стручност, искуство и интегритет по примерот на новиот Закон за Судскиот совет и детаљно уредена постапка за разрешување член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми. ац/вг/

Фото: МИА архива/принтскрин

Остани поврзан