• понеделник, 23 декември 2024

Јавна благодарност од Бигорски манастир до „Македонија пат“

Јавна благодарност од Бигорски манастир до „Македонија пат“
Дебар, 29 септември 2022 (МИА) - Братството на Свештената бигорска Обител, со Епископот Антаниски г. Партениј, отворено му се заблагодарува на државното јавно претпријатие „Македонија пат“, предводено од директорот Костадин Ацевски и посебно кон дебарската секција на претпријатието, раководена од  Деар Лиманоски, за вложениот труд при расчистувањето и одржувањето на магистралниот пат Маврови Анови - Дебар.
- Се чини дека во изминативе две три децении ова е најтемелното чистење на јавната делница, барем во околината на манастирот, така што на оние места кои беа сосема обраснати од страна, за првпат по долги години може да се види лицето на каналетките и патните обележја кои се особено важни за безбедноста во сообраќајот, наведуваат од Бигорски.
Додаваат дека со посветена работа исчистени се повеќе места каде што широчината на патот беше значително стеснета поради запуштеност.
- Сите кои почнале совесно да се грижат за ова добро дело од јавен карактер нека бидат благословени од Бог творецот на оваа убава планета! Искрено се надеваме дека и во иднина ќе продолжат со внимателната и постојана грижа за јавните патишта, велат од Бигорски.
Посочуваат дека кога сите претпријатија и поединци би се „труделе совесно да ја извршуваат доверената  служба, тогаш би имале несомнено најубава држава". вт/ир

Остани поврзан