• понеделник, 23 декември 2024

Јавен состанок на АП: Пратки без царина преку косовско-македонската граница, кешот низ поштенските мрежи создава проблеми

Јавен состанок на АП: Пратки без царина преку косовско-македонската граница, кешот низ поштенските мрежи создава проблеми

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) –  На косовско-македонската граница поминуваат поштенски пратки без царина во необележани возила, како договорна соработка на приватни поштенски оператори, беше изнесено денеска на јавен состанок на Агенцијата за пошти од каде веќе алармирале до Министерството за внатрешни работи и Царината.  Бараат подлабински пристап за надминување на овој проблем, како и заложба од сите за сузбивање на сивата економија и сите предизвици од циркулирањето на готовината низ поштенските мрежи. 

Оценки за најновите состојби на поштенскиот пазар и укажувања денеска беа изнесени на јавен состанок на регулаторното тело кое истовремено бара финансиска поддршка за државната Пошта за одржување на нивото на универзалната услуга, но и реформи и намалување на расходите од страна на менаџментот. Исто така и подигнување на нивото на е-трговијата, која порачуваат дека не треба да се одвива само преку фејсбук и инстаграм продавници. 

Олга Манчевска, раководител на Директоратот за регулатива, лиценцирање и правни работи во Агенцијата за пошта на состанокот во одговор на новинарско прашање за неодамнешните тврдења на претставници од Синдикатот на државната пошта за неконкурентна достава на пратки од друга држава наведе дека во државава се издадени над 12 лиценци за меѓународен сообраќај и оти меѓународните поштенски услуги се многу интензивни со Косово.

-Најчесто моделот на работа е така што македонска и косовска пошта склучуваат договор за соработка и има циркулација на пратките преку граница. Постапката  е сосема легална, но прашањето е дали поминуваат на царина, дали плаќаат царински давачки и дали Царината воопшти забележала дека секојдневно приватни возила обележани и необележани  ја поминуваат границата. Соработуваме и со МВР и со Царина и апелирале дека проблемот треба да се реши подлабоко, рече Манчевска. 

Манчевска укажа дека за да може да се одговори на регулаторните барања и секое писмо да стаса најдоцна за три дена и до најоддалечената адреса во државата потребна  е финанскска поддршка и субвенционирање на универзалната услуга.  Соодветен механизам за компензација на универзалната услуга преку државна помош од Буџетот е вграден  во последнот предлог текст на Законот за поштенските услуги. Од АП велат дека европската регулаторна рамка го дозволува тоа и оти очекуваат измените на законот што поскоро да бидат изгласани.

Како што појасни Манчевска, во опсегот на универзалната услуга уште долго ќе останат единечните писма, препорачаните услуги и услугите со означена вредност. Но, укажа, оваа услуга  продуцира зголемени трошоци, главно поради драстичниот  пад на обемот  на услуги во последните години.  АД Пошта во последните години има раст на приходите од околу четири проценти, но има и раст на  расходите кои за четири години пораснале за 12 проценти. Тоа, посочи Манчевска, го прави без субвенции од државата  и тешко го одржува нивото на универзална услуга.

Според АП, непринципиелното одржување на резервираната услуга со години и одложувањето на либерализација не дава добри резултати, а очекуваниот ефекет не го постигнало и  минатогодишното зголемување на цените на услугите на националната Пошта во меѓународниот и во домашниот сообраќај затоа што загубата за  2023 година повторно е над два милиони евра. Речиси сите  европски поштенски оператори покажуваат загуби во делот на универзалната услуга, но со  години наназад тие загуби им се компензирани од државните буџети, што не е случај кај нас.

Според АП, истовремено со помошта од државата  час поскоро се потребни и екстра напори  од менаџментот на АД Пошта, насочени кон намалување на расходите, паралено со подигнување на нивото на продуктивност и ефикасност на универзалната услуга. Експертизата од регулаторот сугерира  намалување на нето-трошкот за универзалната услуга преку модернизација. 

Пазарот на пакети со удел од над 99 проценти го држат операторите на слободниот пазар, а како што рече Манчевска,  кај сите лиценцирани компании кои обезбедуваат домашни услуги, најголем процент за жал се услугите за пакети со откупнина,  проблем на кој што АП укажува подлго време. 

-Тоа е наша македонска специфика, ќе речат одраз е и на економската состојба во државата, неодамна слушнав дека 200 000 граѓани се блокирани на сметките, не можат да плаќаат со картичка и нормално кешот се врти и од страна на тие што нарачуваат пакети. Циркулирањето на кешот низ поштенските мрежи  создава проблеми затоа што таму има можности за сива економија, а и самите поштенски оператори трпат заради таа кеш готовина бидејќи се почести се кражбите и поголеми се ризиците и по живот и по тело. Потребна е работа од сите чинители на пазарот, државните институции, а особено внимание да посветат е-трговците да ја развијат е-трговијата на нивото на коешто очекуваме, а не вака да купуваме од фејсбук пордавници и Инстаграм со што ќе може да се искоренат овие практики кои се непознати за европските економии, наведе Манчевска.

Таа соопшти дека од средината на март годинава за македонските корисници кои нарачуваат од Алиекспрес се создаде уште една опција за достава на R мали пакети од Е форма, откако домашната Виза пост Скопје стана втор крак  од мрежата на Маѓарпост која во државава обебзедува меѓународни поштенски услуги.

-Од тогаш, за два месеца преку Виа  Пост се доставени  над 25.000 мали пакети, претежно со вредност од 22 евра. Првичните проблеми со враќање на пратките, од кои помалку од 0,02 проценти се веќе вратени, за што реагираа и кориснците, се надеваме дека се веќе надминати. Пратките кои ги доставува Виа Пост имаат видлива ознака со називот на операторот, а примачите за достава се констактираат на телефоните и на адресите кои ги оставиле при нарачката. Појавата на конкуренција во овој сегмент веќе во април ја раздвижи и националната пошта, што регулаторт го смета и како придобивка плус за домашните примачи, појасни Манчевска.

Сепак најголем обем од услугите за мали пакети со нарачки од Кина и натаму ќе се остварува низ мрежата на АД Пошта меѓу другото заради несомнено  поповолните капацитети за обавување на царинските формалности при увоз на поштенски пратки. 

Сретен Миладиновски, директор на АП, посочи дека бројот на даватели на слободен пазар не е променет од пред шест месеци и изнесува 34, од кои 22 имаат лиценца за работа на целата територија на државата, но не се сите активни. Кај поразвиените од нив, посочи Миладиновски,  се зголемува интерсот да работат и меѓународни поштенски услуги. 

Статистиките на АП покажуваат постојан раст на обемот кај давателите на слободниот пазар кој минатата година изнесува 32,7 проценти во однос на претодната година и силно позиционирање на услугата пакети со зголемување од 26,7 проценти во однос на 2022 година. 

Лани е зголемен обемот на пакети кај Пошта на РСМ за 14 проценти, но и покрај тоа е многу мал во однос на вкупно обебзедените пакетски услуги на пазарот  кои кај приватните оператори изнесуваат седум милиони  и се со раст од 32,7 проценти. 

Обемот на поштенскиот пазар лани бележи годишен раст од 6,37 проценти, а поштенските пратки по глава на жител изнесуваат 20,9. 

Минатата година бројот на рекламации  кај приватните  поштенски оператори е зголемен за 45,9 проценти. Најголем дел  од поднесените рекламации, 59 проценти,  се за оштетени или намалеи содржини на пратки. лв/аа/

фото: МИА

Остани поврзан