• понеделник, 23 декември 2024

Работна група од ЗЕЛС во соработка со МВР изработува закон за комунална полиција

Работна група од ЗЕЛС во соработка со МВР изработува закон за комунална полиција

Скопје, 14 август 2024 (МИА) - Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, денеска информираше дека работна група од ЗЕЛС веќе работи на изготување на закон за комунална полиција во соработка со Министерството за внатрешни работи.

Во изјава за медиуми по денешниот координативен состанок со скопските градоначалници, Ѓорѓиевски рече дека во наредниот период и јавноста ќе треба да се запознае со тој закон.

- Размислуваме за закон за комунална полиција. Одредена работна група од ЗЕЛС работи на истото во соработка со МВР. Секако дека ќе треба во наредниот период и јавноста да го види, да се запознае со истиот. Но, мислам дека и конечно донесување на еден таков закон за комунална полиција е нешто што е од сериозна потреба за нашата земја, рече тој.

Според градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, пак, постојните проблеми во град Скопје нема да се решат доколку не се донесе закон за комунална инспекција.

- Нема да ги решиме проблемите ако не го донесеме законот за комунална инспекција. Комуналните инспектори мора да добијат овластувања, да легитимираат, да казнуваат, да приведуваат, да побараат притвор и физички да неутрализираат, посочи тој.

Дополнително, во врска со подобрување на состојбите, рече дека и цените за сервисирање на услугите на граѓаните мора да се зголемат согласно промените на трошоците.

Градоначалниците на скопските општини на денешниот координативен состанок донесоа одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија за комунална хигиена и паркови и зеленило.

Како што информираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешниот координативен состанок, донеле одлука да побараат предавање на обврските на општините.

- Бараме Владата да назначи владин повереник и да и започне процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските на општините, рече Ѓорѓиевски. ар/ев/
Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан