• понеделник, 23 декември 2024

Ѓорчев: Да им веруваме на нашите историчари, тие имаат полно право да ги бранат македонските ставови

Ѓорчев: Да им веруваме на нашите историчари, тие имаат полно право да ги бранат македонските ставови
Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) - Нашите историчари имаат полно право да ги бранат нашите македонски ставови. Не гледам како ќе постигнеме прогрес со ваква тврда бугарска позиција, која има една максима - Македонија може да влезе во Европа, но македонизмот не, вели поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев. Во гостување на ТВ Сител, Ѓорчев потенцира дека ќе постигнеме прогрес во преговорите со Бугарија само ако јасно ставиме до знаење дека не отстапуваме од нашите начела кои се истовремено и дел од европскиот вредносен систем. Ако така се држиме, ќе ги убедиме Бугарите дека сме рамноправни во дијалогот и дека имаме наши барања кои тие треба да ги испочитуваат, конкретно и во однос на Гоце Делчев. Не треба и да дозволуваме, посочи, мешање во внатрешните работи на земјата. Според Ѓорчев, Бугарите имаат свое гледање и толкување, но ние никако не смееме да прифатиме нивно наметнување зашто нашата историографија е усогласена со европската историска комунистичка и општествена наука. Соседи сме, но факт е дека треба да имаме верба во нашите вредносни фундаменти. -Секогаш сум тврдел дека веќе 30 години преземаме погрешни чекори во однос на тоа како треба да се однесуваме, не само кон соседите, туку и во целиот процес на преговарање со меѓународните асоцијации. Ние имаме многу аргументи и факти, како и многу историски извори за поимот Македонија и во однос на нашата државност, и во тој контекст треба да бидеме многу гласни. И така треба да се однесуваме. Не треба да дозволуваме мешање во внатрешните работи на земјата, како што Бугарија не дозволува да се дискутира за македонското малцинство. Нивниот став е недвојбен – тие не признават постоење македонско малцинство. Во тој контекст ние треба секогаш да одговориме достоинствено – дека за тоа постои Совет на Европа кој ги решава овие прашања кои може да дојдат и до Судот во Стразбур. Секогаш тоа треба да го нагласуваме, зашто тоа се наши вредности, тие луѓе таму се дел од македонското национално ткиво и ние и да сакаме, не можеме да се откажеме од нив зашто, откажувајќи се од нив, ние на некој начин сами си ја загрозуваме македонската нација, подвлече поранешниот амбасадор во Софија. Тој смета дека Договорот за пријателство на некој начин ја става земјава во нерамноправна положба во однос на македонското малцинство и во однос на заедничката историја која Бугарите, како што рече, ја толкуваат како историја на бугарскиот народ и тука доаѓа до конфликт меѓу двете општества. -Да ги изнесеме нашитe научни погледи и да побараме, ако не можеме да воспоставиме решение по тоа прашање, да продолжиме со она што претставува наша, македонска историографска димензија на Гоце Делчев. Тоа е единствениот начин да изградиме рамноправен однос. Треба и повеќе да и веруваме на нашата историска комисија, да и дадеме простор во даден временски период да каже дека поради несогласување, заради создавање амбиент за понатамошна работа, можеби некоја средба може и да се пропушти, да се одложи. Тогаш ќе покажеме достоинство, ќе покажеме почитување на сопствените, но истовремено и на бугарските вредности, со должна почит, внимание и допуштеност во изразот. Така се создава доверба и можеме да изградиме рамноправен дијалог, напомена Ѓорчев. Очигледна е, оцени, и врската на бугарската историографија, односно бугарската страна од Мешовитата комисија за историските прашања со бугарската политика. Во врска со денешното заедничко чествување на Гоце Делчев, нормално е, рече Ѓорчев, што имало реакции кај дел од македонското општество зашто ставот на историчарите по ова прашање се уште не е усогласен. -Кога политиката ја презема палката за толкување одредени „историски вистини“ или на „заедничката историја“, без консултацаија со науката и граѓанскиот сектор, нормална е реакцијата на дел од македонското општество за заедничкото чествување на Гоце Делчев. Во конкретниот случај, отсуствува соработката со науката и со граѓанскиот сектор, па нормална е реакцијата на одреден дел од македонското општество, на историската фела, писмото кое го упати во однос на несогласувањето - зошто имаме заедничко чествување кога повиканата Комисија врз основа на Договорот нема усогласени ставови и препораки како треба таа наша голема македонска личност да биде чествувана. Бидејќи Комисијата не усогласи такви ставови, политиката ја презема на себе одговорноста со сиот ризик, дали ќе придонесе за позитивен епилог или ќе има негативни реперкусии по добрососедството и кревањето на бугарската блокада, објасни поранешниот амбасадор. Според него, интересно би било двете страни да понудат чествување на раѓањето на Гоце Делчев пред неговиот семеен дом во градот Кукуш и тоа Грција да го дозволи или пак во село Баница да се одбележува 4 мај, денот кога загинал. - Тоа се европски вредности и на таков начин можеме да зборуваме за Гоце Делчев, дециден е Ѓорчев. Тој додаде и дека Гоце Делечев не само што бил Македонец, туку бил и Европеец. -Ако така го гледаме, можеме да се најдеме на таа линија само како членови на една идна Европска унија која споделува некакви европски вредности, рече Марјан Ѓорчев. мч/лв/  

Остани поврзан