• сабота, 16 ноември 2024

Штип останува без градски превоз, пропадна и вториот тендер

Штип останува без градски превоз, пропадна и вториот тендер
Штип, 27 септември 2022 (МИА) - Пропадна и вториот тендер за воведување јавен градски превоз во Општина Штип, информираше сообраќајниот инспектор во Општина Штип, Оливера Блажева. На вториот тендер не се пријавила ниту една фирма. Тоа значи дека граѓаните од приградските штипски населби и понатаму остануваат без градски превоз.
-Општината распиша тендер вторпат за доделување линии за општински линиски превоз, кој имаше рок до 19 септември. И покрај напорите кои ги вложи општината во поглед на зголемување на субвенциите по километар од 100 отсто и значително зголемување на цените на билетите, сепак немавме понуда од заинтересирани превозници за вршење на овој вид на превоз. Општината не се откажува од идејата и реализацијата на започнување на јавне превоз во општината и ги разгледува и другите опции, вели Блажева.
Дали ќе се променат повторно условите и ќе се распише  трет тендер за превозник кој ќе врши градски линиски превоз во Општина Штип или ќе се формира ново јавно претпријатие, надлежните од општината  засега не прецизираат. Блажева вели сега се разгледуваат сите можности, а што ќе се одлучи навремено ќе се информира.
-Значи нов можен трет тендер, за измени во одлука за воведување на јавен превоз во однос на формирање на јавно претпријатие и сите останати опции, се што може да биде со цел за воведување на овој вид на превоз, додаде Блажева.
Воведување јавен линиски превоз во Општина Штип беше едно од предизборните ветувања на сега актуелниот градоначалник Иван Јорданов. Уште во првиот квартал од годината тој истакна дека се работи на оваа проблематика. Но, по двата неуспешни обиди за воведување на градски линиски превоз во Штип, граѓаните од приградските населби ќе мора да користат сопствен превоз или такси услуга за да пристигнат до централното градско подрачје. вдј/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан