• петок, 22 ноември 2024

Штип го чествува патрониот празник Свети Никола

Штип го чествува патрониот празник Свети Никола

Штип, 19 декември 2023 (МИА) - Со света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан, Штип го чествуваше 19 декември, празникот „Свети Никола“ заштитник на градот. На литургијата присуствуваа голем број на православни верници,  а потоа беа дел од литијата од соборниот храм „Свети Никола“ до плоштадот „Слобода“ предводени од Митрополитот Брегалнички, г. Иларион, и повеќе Архиереи. Таму се пренесе пораката за молитва кон Бога за милост и спасение од Синот Божји.

-Го молиме да престанат сите војни и недоразбирања меѓу луѓето, да испроси и да измоли од милостивиот Бог, мир, благосостојба, телесно и душевно здравје за Господ Бог да нѐ помилува како што и секој пат нѐ милува и да нѐ спаси“, рече во своето обраќање Митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека ваквите моменти се можност да се потсетиме на добрите дела и да го следиме примерот на Свети Никола, а да работиме за личен и општествен развој.

-Денеска е голем ден, голем празник за нас – штипјани, за нас – православните христијани, затоа што Свети Никола е заштитник на градот Штип, светец којшто им помагал на луѓето духовно и материјално и ни дава причина повеќе да се трудиме да го следиме неговиот пат, да си подадеме рака еден на друг, да си помагаме во вакви тешки времиња. Нека по молитвите на нашите свештеници и по молитвите наши, Свети Никола ни дари мир во нашите срца, во нашите домови, благосостојба, напредок и развој во нашиот град и во нашата држава. Нека е за многу години, да сте живи и здрави!, рече Јорданов.

Свети Никола е заштитник на градот Штип, а ова е и една од најчестите куќни слави меѓу штипјани. Градот со денешните активности го заврши чествувањето на празникот, синоќа на свечена академија беа доделени и признанијата и орденот „Свети  Никола“. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан