• понеделник, 23 декември 2024

Штипски „Исар“ очекува сметката за струја да се намали двојно

Штипски „Исар“ очекува сметката за струја да се намали двојно

Штип, 10 октомври 2022 (МИА) - За два до два и пол пати се очекува да се намали сметката за струја на штипското комунално претпријатие „Исар“, со новата мерка снабдување со електрична енергија на мерни станици за водни пумпи, преку продажба од ЕСМ по поволна цена од берзанската цена, односно субвенционирање на разлика во цена на електрична енергија.

Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ - Штип вели дека последната сметка за струја им е 5,5 милиони денари, а берзанската цена на струјата која плаќаат е 40 денари за киловат час, но, со новата мерка, ако актуелната цена на струјата е 12 денари за киловат час во тој случај се очекува месечната сметка да биде околу 2,5 милиони денари.

Посочи дека годинава комуналните претпријатија се соочиле со големи финансиски проблеми, токму од енергетската криза.

-Во јануари добивме сметка од 19 милиони денари, која беше повисока од приходите кои ги имаме на месечно ниво, потоа во февруари имавме сметка од 11 милиони денари, останатите месеци сметките за струја се движеа од осум до пет милиони денари, а се зависеше од берзанската цена на струјата, вели Здравков.

Тој забележа дека откако е поставен за директор на најголемото комунално претпријатие на истокот, во рок од десет месеци има исплатено долг од 30 милиони денари за стариот кредит за реконструкција на водоводна мрежа. Секој месец сервисира и долгови и кон три добавувачи на струја. Очекува ова олеснување со струјата да овозможи да се подмират долгови и да се одржи ЈП „Исар“-Штип во ликвидна состојба, како и да не се трупаат нови долговиите, кои во иднина, какошто вели  можат да  влијаат врз функционирањето и услугите кон граѓаните. вдј/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан