• петок, 22 ноември 2024

Штипските средношколци од угостителско-туристичката струка учеа од најдобрите готвачи на Балканот

Штипските средношколци од угостителско-туристичката струка учеа од најдобрите готвачи на Балканот

Штип, 10 октомври 2023 (МИА) - Учениците од угостителско-турстичката струка од средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ денеска можеа да ги слушнат најголемите готварски тајни од врвни готвачи од Хрватска, Словенија, Србија и Црна Гора. 

Целта на денешниот настан е да се подигне свеста на гастрономијата, угостителството и туризмот и младите вешто да чекорат по патот на готвењето. Стево Карапанџа, Драгица Лукин, Исток Легат и потпреседателот на Светската организација на готвачи Уве Мишел, заедно со средношколците готвеа во училишната кујна на СОУ „Коле Нехтенин“.

 -Најмногу ме инспираат учениците. На нивните лица видов заинтересираност. Ова што го презентиравме денеска е еден мал дел од она што можеме да им покажеме. Забележав една голем заинтересираност кај учениците, што е многу позитивно„ изјави Стево Карапанџа.

 Потпретседателот на Светската организација на готвачи оцени дека учениците сакаат да ги учат тајните на готвењето.

- Кај средношколците кои ги запознав денеска видов голем потенцијал и верувам дека се на вистинското место. Единствено што треба да им дадеме е можност за учење, истакна Мишел.

Денешниот настан е во организација на Националната асоцијација на готвачи „Гастромак“.

- Ова го направивме со единствена цел да се подигне гастрономската свест во Македонија и да работиме на темата како да ги задржиме идните готвачи кои се од огромно значење за нашата земја. Токму тоа беше целта на овие предавања, кои се тајните на гастрономијата и што сѐ треба да знаеме, да се направи за да се стане добар готвач, вели Адријана Алачки.

Готвачите им ги пренесоа на средношколците своите инспиративни биографски приказни и со тоа посочија колку е тешко, но истовремено и прекрасно, да се носи белата готвачка униформа која им овозможила да се стекнат со знаења и искуства од целиот свет. вдј/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан