• недела, 22 декември 2024

Шпанскиот крал во вторник се враќа во Валенсија, на местото каде беше нападнат со кал и навредуван

Шпанскиот крал во вторник се враќа во Валенсија, на местото каде беше нападнат со кал и навредуван

Мадрид, 10 ноември 2024 (МИА) - Шпанскиот крал Фелипе Шести во вторник повторно ќе ја посети областа Валенсија, која е тешко погодена од неодамнешните бури и поплави, објави кралската канцеларија.

Кралот ќе ги надгледува операциите за спасување и чистење во Валенсија, соопшти неговиот кабинет.

На неговата прва посета на регионот минатата недела, кралот го пречека разгневена толпа која фрлаше кал и го навредуваше него и кралското семејство.

На 29 октомври, за неколку часа, во некои шпански градови наврна дожд колку што вобичаено паѓа во текот на една година.

Според последните податоци на шпанската Влада, од обилните дождови, лизгањето на земјиштето и поплавите загинале најмалку 220 лица. Властите пронајдоа 212 тела само во провинцијата Валенсија.

Осум смртни случаи се регистрирани во соседните региони Кастилја и Андалузија.

Околу 8.500 припадници на шпанската војска и 10.000 службеници од националните полициски сили се распоредени во приближно 80 погодени општини.

Многу згради сè уште се делумно или целосно недостапни бидејќи уништените автомобили и предметите за домаќинството ги блокираат влезовите.

Илјадници демонстранти синоќа излегоа на улиците на шпанскиот град Валенсија, барајќи оставка од регионалниот лидер и обвинувајќи го за лоша реакција за време на поплавите.

„Мазон поднеси оставка“, пишуваше на транспарентот со кој демонстрантите дојдоа пред зградата на владата на провинцијата Валенсија.

Тие извикуваа „убијци, убијци“ откако пред единаесет дена пороите ја поплавија југоисточната провинција на брегот на Средоземното Море, предизвикувајќи страдање на голем број луѓе.

Протестот го повикаа левичарските организации и синдикатите.

Карлос Мазон, 50-годишен член на конзервативната Народна партија, е на чело на покраината од летото 2023 година. Во Шпанија се води дебата за тоа дали петте милиони жители на овој регион биле навреме известени со мобилен телефон за доаѓањето на смртоносното невреме.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан