• четврток, 21 ноември 2024

Шпанија регистрира помалку смртни случаи од шумски пожари и топлотни бранови и покрај топлата година

Шпанија регистрира помалку смртни случаи од шумски пожари и топлотни бранови и покрај топлата година

Мадрид, 3 септември 2024 (МИА) – Август беше најтоплиот месец во Шпанија откако се води евиденција, но бројот на шумски пожари годинава значително е намален и имаше помалку смртни случаи од топлотните бранови.

Со просечна температура од 25 степени Целзиусови, август го собори рекордот, соопшти денеска националната метеоролошка служба Аемет. Беше за цели 2 степени потопло од просекот за годините од 1991 до 2020 година.

За цела 2024 година, просечната температура во Шпанија веројатно ќе биде околу 15,8 степени Целзиусови, исто како и во претходната рекордна 2022 година, што ги прави годините од 2020 година четирите најтопли досега.

Дури и водата станува се потопла како што се зголемуваат климатските промени. Мерната пловка во близина на југозападниот дел на островот Мајорка измерила температура на водата од 31,87 степени Целзиусови. Претходниот рекорд беше 31,36.

И покрај се, до крајот на август, 46 отсто помалку области во Шпанија беа уништени од шумски пожари отколку во истиот период минатата година.

- Со оглед на тоа што 80 отсто од пожарите се предизвикани од човечка активност, можеме да кажеме дека општеството стана посвесно оваа година, изјави Елена Хернандез од националната организација за спречување шумски пожари за весникот „Ел Паис“.

Повеќето врнежи од дожд во првата половина од годината го намалија и ризикот од шумски пожари со тоа што спречија почвата да стане многу сува.

И бројот на смртни случаи поврзани со жештината опадна во Шпанија.

Националниот центар за епидемиологија при Здравствениот институт Карлос Трети го процени бројот на смртни случаи поради топлина на нешто повеќе од 3.000 до крајот на август во споредба со повеќе од 7.700 минатата година.

Малку поладен почеток на летото и повнимателно однесување на ризичните групи беа наведени како можни причини за пониските бројки. јт/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан