Шортс со 33 поени ја предводеше македонската репрезентација до победа над Данска
- Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ја совлада Данска со 74:71 по продолжение од пет минути. По 40 минути резултатот беше нерешен 64:64.
Гевгелија, 13 ноември 2022 (МИА) – Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ја совлада Данска со 74:71 по продолжение од пет минути. По 40 минути резултатот беше нерешен 64:64.
Најдобар играч на средбата во Гевгелија беше Американецот со македонски пасош Ти-Џеј Шортс. На неговото конто отидоа 33 поени, шест асистенции и три скока.
Покрај Шортс, двоцифрен број поени во победничкиот состав постигнаа и Стојан Ѓуровски – 11 и Војдан Стојановски – 10.
Кај гостите се истакна Дарбо со 21 поен, но и промашен шут за три поени во последните секунди од продолжението.
„Црвено-жолтите“ бодрени од навивачите кои до последно место ја исполнија салата „26 Април“ ја запишаа четвртата победа во исто толку натпревари во претквалификациите за Евробаскет 2025.
На првиот денешен меч од Д-групата, Словачка како гостин ја победи Норвешка со 68:56.
По четири кола, Македонците се први на табелата со осум бодови, Норвешка и Словачка имаат по шест, Данците се последни со четири бода. зс/