• петок, 22 ноември 2024

Шолц побара почеток на преговори и силно се заложи за постигнување договор, Софија ги повтори условите за кревање на ветото

Шолц побара почеток на преговори и силно се заложи за постигнување договор, Софија ги повтори условите за кревање на ветото
Скопје, 12 јуни 2022 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера ги посети Скопје и Софија во обид да се изнајде решение за прашањето меѓу двете земји до крајот на француското претседателство. Тој силно се заложи за постигнување договор за започнување преговори за присоединување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски од своја страна на прес-конференцијата со Шолц рече дека ние не можеме постојано да бидеме заложници на самитите на ЕУ дали ќе има датум или нема да има датум и оти подгревање на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит не зависи од Северна Македонија. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, на средбата со Шолц повтори дека Софија ќе го крене ветото само ако Скопје даде гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство и ако ги вклучи Бугарите како еден од државотворните народи во својот Устав. - Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската Унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија. ЕУ кон Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори, рече Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски во Владата во Скопје. Германскиот канцелар нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција. Затоа, како што рече, остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од Северна Македонија и Владата работеа многу. Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори. Северна Македонија, според него, ги исполни сите предуслови и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор. – Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите, рече Шолц. Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Северна Македонија на својот пат на ЕУ. Премиерот Ковачевски потенцира оти ова е втора посета на еден германски канцелар, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји. - Ние не можеме постојано да бидеме заложници на самитите на Европската Унија за тоа дали ќе има датум или нема да има датум. Подгревање на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит не зависи од Северна Македонија. Тоа исклучиво зависи дали 27-те членки ќе се усогласат и ќе донесат одлука за отпочнување на првата меѓувладина конференција Тоа во моментов зависи од само една земја-членка на ЕУ којашто држи две земји-членки, две кандидатки – Северна Македонија и Албанија на патот за интеграција во Унијата, рече Ковачевски. Во однос на политичките турбуленции во Бугарија, откако партијата „Има таков народ“ најави напуштање на Владата во Софија, Ковачевски истакна дека ние на ниту еден начин не можеме да учествуваме во нивното или коментирање или на кој било начин толкување, со оглед на тоа што ние сме држава што води активни разговори со Бугарија.

– Тие разговори се водат на принципиелна основа на база на европски вредности. Ние во текот на преговорите со целиот свој капацитет учествува МНР, СЕП и тоа врз основа на одредбите од Резолуцијата што ја имаме донесено во нашето Собрание. Во однос на самите преговори јас веќе истакнав досега дека кога се работи за преговори тогаш еден од предусловите преговорите да бидат успешни се страните што преговараат да бидат доверливи во процесот, односно да сакаат да се дојде до решение. Ние сме страната која што сака да се дојде до решение, ги кажав принципите врз основа на кои. Исто така и Бугарија треба да биде подготвена тоа да го направи, рече Ковачевски.  

Меѓутоа, додаде Ковачевски, постои една голема разлика помеѓу нас и Бугарија и ова прашање за нас, рече тој, беше прашање на преговори заради отпочнување на преговори со ЕУ.

– Ние во ниту еден момент како Влада и како владејачко коалиција прашање не го инструментализиравме и не го политизиравме заради дневни политички поени или водење на внатрешна политика во државата. Сосема спротивно на тоа во Бугарија ова прашање беше издигнато на ниво на внатрешна политика во нивната држава. Често пати беше еднострано инструментализирано и политизирано што не е добро. И затоа од тој аспект не би сакал да ги коментирам претпоставките што се појавуваа во медиумите за одредени барања на бугарската страна со оглед на тоа дека сите барања, сите отворени прашања се предмет на разговори помеѓу МНР, нагласи Ковачевски.

Премиерот повтори дека откако МНР ќе дојде до документ што е заемно прифатлив за двете страни тогаш ќе може да бидат споделени тие документи со институциите во двете држави и оти во овој момент таков заемно прифатлив документ не постои.  

Ковачевски, на прес-конференцијата со Шолц уште еднаш се заблагодари на поддршката од Германија за отпочнување на преговорите со ЕУ. – Триесет години досега Сојузна Република Германија го докажа своето пријателство со нашата држава. Во текот на тие 30 години Северна Македонија донесе голем број тешки одлуки, голем број реформи и секогаш со нас и до нас беше и германската држава, германската администрација и канцеларот на Германија, така е и денес. И тој ја пренесе недвосмислената поддршка на Германија за европската интеграција на Република Северна Македонија и тоа час поскоро, заклучи премиерот Ковачевски. Ковачевски и Шолц претходно имаа тет-а-тет средба на која беше истакнато дека во пресрет на јунскиот самит на ЕУ под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Северна Македонија, како земја којашто ги исполни сите критериуми и услови, и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа.  Шолц вчера за време на посетата на Софија изјави дека силно поддржува постигнување договор за започнување преговори за присоединување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, јави дописникот на МИА од Софија. Германија, истакна Шолц, разбира дека не е лесно да се надминат историските разлики меѓу соседните држави, но нејзиното искуство покажува дека е добро за сите кога ќе се надмине недовербата и ќе се изградат пријателски односи со соседите. – Сметам дека има шанса да се постигне напредок. Ќе ја продолжиме дискусијата и размената меѓу нас до крајот на француското претседателство и се надевам дека ќе постигнеме напредок. Јас сум убеден дека заедно ние Европејците, носиме одговорност за ЕУ и за стабилноста на Балканот. Важно е да го искористиме процесот на проширување, рече Шолц на заедничката прес-конференција со Кирил Петков. Петков, од своја страна, изјави дека дека Бугарија и Германија секогаш гледале на Западниот Балкан во насока на нивно присоединување кон ЕУ. Бугарскиот премиер истакна дека владите на Бугарија и на Република Северна Македонија „продолжуваат да работат во таа насока при што бугарската Влада јасно ја иразила својата позиција за условите што треба да се исполнат за да продолжи евроинтеграцијата на Северна Македонија - исполнување на  Договорот за добрососедство и ако ги вклучи Бугарите како еден од државотворните народи во својот Устав“. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во меѓувреме повтори дека последните барања од премиерот Петков се неприфатливи и оти „ако има договор со Бугарија што е штетен и предавнички, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го почитува“. - Прво е билатерален Договор и никогаш нема да се помирам со фактот тој договор да влезе во преговарачката рамка затоа што тоа е дополнителна алатка на Бугарија да не ветоизира кога сака и како сака, кажа Мицкоски. Една од најугледните германски аналитичари за Балканот Јохана Дајмел, во меѓувреме за Бугарското национално радио (БНР), оцени дека бугарското вето кон Скопје му се заканува на целиот европски проект на Балканот. Дајмел, која е и поранешна членка на бордот на директори во влијателното германско Здружение за Југоисточна Европа во Минхен, се запрашува во чиј интерес е да биде блокирана одлуката за проширување на ЕУ, и каков сигнал испраќа Унијата кон Украина, Молдавија и Грузија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според неа, станува збор за руско мешање и оти логичното објаснување на некои нејзини колеги во Бугарија дека во спорот меѓу Софија и Скопје е вмешана Москва. – Во никој случај не негирам дека има поинакво толкување на минатото. Но, во исто време сфаќам дека овој спор и бугарското вето го загрозуваат целиот европски проект на Балканот. Не мислам дека Бугарија има корист од ова. Анкетите покажуваат дека 63 отсто од Бугарите ги поддржуваат санкциите на ЕУ против Русија. Тоа не значи ништо друго освен дека европската солидарност во Бугарија е голема. Токму тоа е исклучително важно во моментов. Па се прашувам зошто токму сега, кога очигледно имаше шанса да се најде компромис меѓу Софија и Скопје, Слави Трифонов реши да ја напушти коалицијата? Кој има корист од ова? Зошто токму сега, кога се соочуваме со енергетски, економски и политички тешкотии, некој ја става Бугарија во владина криза? Уште повеќе, откако стана јасно дека Северна Македонија е подготвена да исполни едно од клучните барања на Бугарија – да ги вклучи Бугарите како државотворен народ во Уставот на земјата? Можеби ќе дојдеме до парадоксот на укинувањето на ветото, но нема влада да ја спроведе оваа одлука во пракса, оценува Дајмел. Таа наведува дека сепак станува збор за спор меѓу две земји-членки на НАТО и оти е јасно дека договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да содржи компромиси. – Големите западни сили како Франција, Германија и САД се обидуваат да помогнат да се постигне договор. Нивната интервенција е насочена кон ограничување на руското влијание. Затоа што дестабилизацијата на регионот и помага на Русија, истакна Дајмел за БНР. нд/ац/

Остани поврзан